X
 24.10.2019 Живот

16 лица во Бангладеш добија смртна казна за спалување студентка

Суд во Бангладеш пресудил смртна казна за 16 лица поради убиство на студентка. 19-годишната Нусрат Јахан Рафи истапила против професор кој сексуално ја злоупотребил, по што била запалена жива. Таа не е единствената што го обвинила професорот за сексуална злоупотреба, истото го направиле уште барем две нејзини колешки.

Убиството ја шокира целата држава и доведе до низа протести во кои демонстрантите бараа правда за Нусрат. Судењето на сторителите беше едно од најбрзите во историјата на земјата, каде што за решавање на некои случаи се потребни и по неколку години.

Ја полиле со керозин и ја запалиле

Нусрат на 6 април, по 11 дена откако го пријавила професорот Сирај Уд Доула поради непримерно допирање, била одведена на покривот на нејзиното училиште, каде што била опколена од 4 или 5 лица во бурки кои барале да ја повлече тужбата. Кога ги одбила, тие ја полиле со керозин и ја запалиле жива. Според наводите на полицијата, тие се надевале дека нејзиното убиство ќе изгледа како самоубиство.

Наместо тоа, Нусрат преживеала. Знаејќи дека е тешко изгорена, таа му дала изјава на братот, кој ја снимал со мобилен.

- Професорот ме допираше, ќе се борам против ова злосторство до последниот здив - рекла таа и ги кажала имињата на некои од сторителите. Нусрат, која имала изгореници на 80 отсто од телото, починала 4 дена подоцна.

Масовни протести

Сексуалното злоупотребување е честа појава во Бангладеш. Според истражувањата, повеќе од 80 отсто од жените што работат во текстилната индустрија доживеале насилство или сексуално вознемирување на работа. Но, многу е мал бројот на жени што зборуваат за тоа во јавност или ги пријавуваат насилниците бидејќи сите стравуваат од последиците.

Жртвите често се осудувани од нивните заедници, а доживуваат и дополнителни вознемирувања, во живо или на интернет. Случајот на Нусрат предизвика масовни протести во Бангладеш, па премиерката Шеик Хасина јавно вети дека злосторниците нема да бидат поштедени. Полицијата на почетокот на истрагата ги отфрли обвиненијата за сексуално вознемирување, но во мај обвини 16 лица, а обвинителите бараа смртна казна.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот