Пакистанските власти првпат годинава користат топови против смог во источниот град Лахор, во обид да се справат со големото загадување на воздухот.
Повеќе од 10 камиони опремени со уреди распрскуваат ситни капки вода за да се намали количината на прашина и честички во воздухот, изјави портпаролот на Агенцијата за заштита на животната средина на провинцијата Пенџаб, Саџид Башир.
Тој додаде дека за почеток се распоредени 15 топови против смог на различни локации во градот.
Сепак, Башир го обвини влошувањето на квалитетот на воздухот на емисиите од возила, индустрискиот чад, прашината од градилишта и палењето на остатоците од жетвата на полињата.
- Се надеваме дека употребата на топовите против смог ќе помогне во намалувањето на загадувањето на воздухот - рече Башир, предупредувајќи дека ветровите од другата страна на границата можат дополнително да ја влошат ситуацијата во наредните денови.
Секоја зима густ слој смог го покрива Лахор, што доведува до затворање на училишта, а милиони луѓе остануваат во затворени простории. Минатата година властите експериментално се обидоа да предизвикаат вештачки дожд за да ја разбијат маглата, но тој обид не даде значајни резултати.