X
 24.10.2026 Живот

Речиси половина од работниците во ЕУ пријавуваат преоптовареност и загрозено ментално здравје

Речиси половина од европските работници се соочуваат со ризици за нивното ментално здравје на работа, но оваа тема и понатаму претставува големо табу во деловното опкружување. Иако здравјето и безбедноста се основи на работниот живот, современите промени во начинот на работа носат нови предизвици кои остануваат непрепознаени.

Притисок на работното место и огромни економски загуби

- Во услови на недостиг на работна сила и стареење на населението, работната сила во Европа се бори со нарушено психичко здравје. Билo да ги прашаме работодавците или работниците, и едните и другите ја наведуваат неспремноста за отворен разговор за менталното здравје како главна пречка за преземање конкретни чекори - изјави Вилијам Кокберн, извршен директор на Европската агенција за безбедност и здравје на работа (ЕУ-ОША).

Според податоците на агенцијата ЕУ-ОША, дури 45 отсто од работниците во Европската Унија се изложени на ризици кои го загрозуваат нивното ментално здравје. Како клучни психосоцијални ризици на работното место истражувачите ги издвојуваат:

- Предолго работно време и преголем интензитет на работа

- Емоционално тешки задачи
- Лоши меѓучовечки односи, лошо постапување, па и појави како мобинг, вознемирување и закани.

Околу 44 отсто од работниците пријавуваат сериозен временски притисок и преоптовареност на работа. Според податоците на Европскиот синдикален институт (ЕТУИ), депресијата која има врска со работата ја чини Европската Унија повеќе од 100 милијарди евра годишно кога ќе се соберат отсуствата од работа (боледувања), намалената продуктивност, здравствените трошоци и пошироките социјални расходи.

Превенција на работното место наместо префрлање на вината врз поединецот

Многумина го гледаат менталното здравје како приватна работа на поединецот, меѓутоа, Естер Линч, генерална секретарка на Европската конфедерација на синдикати (ЕТУК), истакнува дека фокусот на превенцијата мора да се префрли на самото работно опкружување.

- Не чекаме некој да отсече прст, па дури тогаш да поставиме заштитна ограда на машината. Правиме процена на ризикот, утврдуваме кои се ризиците поврзани со начинот на кој се извршува работата и потоа поставуваме заштитни мерки - вели Линч.

Извор: eklinika
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот