X
 23.07.2025 Живот

Во кои европски земји работниците не можат да си дозволат одмор од една недела?

Во 2023 година 15 отсто од вработените лица во Европската Унија не можеа да си дозволат еднонеделен одмор надвор од нивната држава. Иако оваа бројка можеби не изгледа висока на прв поглед, таа опфаќа околу 42 милиони работници.

Според податоците на „Евростат“ објавени од Европската конфедерација на синдикати, во секоја економија од „големата четворка“ во ЕУ (Германија, Франција, Шпанија и Италија), повеќе од 5 милиони вработени не можеле да си дозволат еднонеделен одмор.

Се зголемува сиромаштијата поради недостапноста на одмор

Сиромаштијата меѓу работниците поради недостапност на одмор расте низ целата Европска Унија, што го претставува третиот по ред годишен пораст.

Во 2022 година 40,5 милиони вработени изјавиле дека не можат да си дозволат еднонеделен одмор надвор од домот. Во 2023 година оваа бројка се искачила на 41,5 милиони, што е зголемување за над еден милион лица за само една година.

- Овие податоци се резултат на сè понееднаков економски систем, каде што работниците се принудени да се откажат од своите одмори поради зголемените трошоци за сместување, транспорт и храна, заедно со опаѓањето на куповната моќ и економските шпекулации - наведуваат од Европската конфедерација на синдикати.

Најпогодени истокот и југот на ЕУ

Податоците покажуваат големи разлики во достапноста на одмор во рамките на ЕУ, особено помеѓу Источна/Јужна и Западна/Северна Европа.

Романија има највисок процент на работници кои не можат да си дозволат еднонеделен одмор, дури 32 отсто. По неа следуваат Унгарија (26 отсто), Бугарија (24 отсто), Португалија и Кипар (двете по 23 отсто), и Словачка (22 отсто).

odmor
Фото: Eurostat

Спротивно на тоа, најниска сиромаштија поврзана со одмор има во нордиските земји: Финска, Шведска и Данска, како и во Холандија, Луксембург и Словенија, каде што процентот се движи меѓу 5 и 7 отсто.

Чешка, Австрија и Белгија, исто така, пријавуваат ниски стапки, со 10 отсто или помалку.

Дури и богатите земји се соочуваат со проблеми

И покрај нивната економска моќ, дури и најголемите економии во ЕУ имаат загрижувачки нивоа на сиромаштија. Во „големата четворка“, Шпанија (18 отсто) и Италија (17 отсто) го надминуваат просекот на ЕУ (15 отсто). Франција (12 отсто) и Германија (11 отсто) се под просекот, но и тие се со двоцифрени вредности.

Италија води со 6,2 милиони работници кои не можат да си дозволат одмор, а зад неа се Германија (5,8 милиони), Шпанија (5,6 милиони) и Франција (5,1 милион).

Во Романија и Полска над 3,5 милиони работници не можат да си дозволат еднонеделен одмор. Во Унгарија и Португалија бројката е над 1,5 милион.

Дури и во економски стабилни земји како Австрија и Холандија, над 550.000 вработени лица или сопственици на бизниси не можат да си дозволат одмор.

Дали тоа е поврзано со приходите?

Постојат умерено силни негативни корелации помеѓу годишната нето-заработка и уделот на работници кои не можат да си дозволат одмор. Тоа значи дека со пораст на приходите, обично опаѓа процентот на оние што не можат да си дозволат еднонеделен одмор.

Сепак, оваа врска е само умерена, што укажува дека во некои земји таа не е силно изразена или не ја следи општата шема.

На пример, Ирска во 2023 година имала една од највисоките годишни нето-заработки во ЕУ (43.897 евра), но сиромаштијата поради недостапност на одмор сè уште била релативно висока. Од друга страна, Словенија има ниско ниво на сиромаштија кај работниците иако нејзините приходи се слични на земји каде што многу луѓе не можат да си дозволат одмор.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот