X
 25.03.2022 Образование

УГД слави 15 години постоење

Обраќање по повод 15 години постоење на Универзитетот „Гоце Делчев“

Денеска Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, второрангираниот државен универзитет во Република Македонија, слави 15 години од своето постоење.

Со над 20.000 студенти. Со 12 факултети. Со 3 академии. Со наставни центри во Кавадарци, Струмица, Скопје со екипирани инфраструктурни објекти. Со над 500 вработени. Со модерни најсофистицирани лаборатории, со врвни технолошки помагала за студентите - е индекс, е учење, е библиотека, е плаќање. Да се постигне се ова што сме денес, не беше лесно.

Да се изоди патот и да се стигне до овде не беше едноставно.

Беше предизвик, успешно реализиран, на гордост на сите!

Почетокот на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип е во не толку далечната 2007 година.
Добиено Решение за работа, неколку вработени и неколку објекти на користење - стари, дотраени.

Избран прв ректор на УГД, проф. д-р Саша Митрев и кадровско и инфраструктурно екипирање на тогаш, најмладиот државен универзитет. Имплементирани еден по еден најновите и најкорисните системи за студенти. И создавање на модерен, современ, млад но докажан и потврден Универзитет.

Вториот ректор, проф. Блажо Боев ја продолжува парадигмата на развој, доекипирање и етаблирање на универзитетот проактивно, со европски вредности, отворено и низ призмата на толеранцијата, атрибут кој ја отсликува највозвишената академска мисла и слобода. Атрибут на самосвесните, самоиницијативните, автономните.

Соочен со сите предизвици низ последниве години, кои светот ќе ги запамети како пандемиски, како години на променет живот, променет светоглед, променети навики Универзитетот навистина научи интересни лекции кои доблесно и ангажирано ги надмина, ги усвои а сепак новите знаења беа имплементирани во студентското променето секојдневие.

Постојат нешта кои што се создадени само за еден миг, нешта кои се создадени само за еден период од своето постоење, но објаснувањето и разбирањето на сите нешта се одгатнуваат за какви цели тие се создадени.

Универзитетите се институции создадени за целите на највисоките човекови вредности: за вистината, за честа, за доблеста, за убавината.
Ја имаме таа чест денес на 15 години од основањето на УГД во Штип да покажеме дека сериозно ги почитуваме и вреднуваме традиционалните академски вредности и предизвици на општество кое учи.
Универзитет кој го пронајде своето место и улога во „место на светлината, слободата и учењето“, во „центар на културата, знаењето и истражувањето“ но и да го понесеме современиот белег на прагматичноста и утилитарноста.

Се вели дека „сè додека живее културата, сè додека живеат универзитетите, ќе опстои и човекот“.
Една од основните функции на Универзитетот е имагинативното стекнување на знаења. Универзитетот или е имагинативен или не е ништо – или барем не е ништо корисно.
Фундаментот поставен низ овие 15 години, нека остане корисен на Општина Штип, на Источниот Регион, на нашата Македонија, на светот...

Да живее Универзитетот „Гоце Делчев“

Да живее нашата alma mater!






Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование