НАСА започна нова иницијатива наречена „Лунарисајкл“, чија цел е да се пронајде иновативно решение за управување со отпадот на потенцијалната база на Месечината. Оној што ќе успее да осмисли одржлив систем за управување или рециклирање на вселенски отпад без негово враќање на Земјата или согорување ќе биде награден со 3 милиони долари.
На Меѓународната вселенска станица отпадот моментално се пакува во специјални кеси, се складира во вселенски летала, а потоа се враќа на Земјата или согорува во атмосферата. Но оваа практика на Месечината не е можна. Испраќањето вселенски бродови само за да се отстранат остатоци од храна, стара облека или амбалажа не е ниту практично, ниту еколошки, ниту економски одржливо.
Затоа НАСА сега бара „експерти за канти“, односно научници, инженери и креативни умови кои можат да осмислат како отпадот да се преработи, искористи или неутрализира без ништо да се враќа на Земјата или да се согорува.
И додека размислуваме за бази на Месечината и вселенски колонии, често забораваме едно сосема обично, но важно прашање: каде ќе оди ѓубрето?
За жал, проблемот со отпадот во вселената веќе е реален.
Кеслеров синдром, како што се нарекува теоријата развиена во 1978 година од Доналд Кеслер и Бартон Коур-Палаис, предупредува на опасностите од сè погустиот вселенски сообраќај. Колку повеќе објекти испраќаме во орбитата: сателити, ракети, делови од летала, толку е поголем ризикот од судири. А судирите создаваат уште повеќе отпад.
НАСА предупредува дека во орбитата на Земјата моментално има повеќе од 10.000 сателити и над 100 билиони парчиња вселенски отпад. Доколку дојде до посериозни судири, некои од последиците би биле: исчезнување на интернетот, прекин на мобилната телефонија и телевизискиот сигнал, па дури и отежнато следење на временските и климатските промени.
Доколку не се пронајде решение за управување со отпадот во орбитата, прашање е дали некогаш ќе успееме да одиме на Месечината, а камоли да ја претвориме во нова депонија.
Извор:
Nova.rs
Фото: Freepik