Пред неколку дена во Торино беше објавена листата „50 најдобри ресторани во светот“, а титулата најдобар ресторан во светот за оваа година ја понесе „Маидо“, кој се наоѓа во Лима, главниот град на Перу.
Ресторанот го води познатиот готвач Мицухару Цумура, син на јапонски имигранти кој се школувал во Соединетите Американски Држави, а потоа се усовршувал во Јапонија. Неговиот „Маидо“ стана место каде што вкусовите на Перу се спојуваат со прецизните јапонски техники, комбинација која го воодушевува целиот свет.
Мицухару ја започнал својата кулинарска кариера со школување во САД, по што се преселил во Осака за да ги совлада јапонските кулинарски методи до совршенство. Работел во ресторани како „Сето суши“, специјализиран за суши, и „Имо то даикон“, познат по изакаја кујната, типични јапонски таверни со разновидна храна и пијалаци.
По враќањето во Перу, се вработил во хотелот „Шератон“, каде што напредувал од шеф на смена до раководител на секторот за храна и пијалаци. Сепак, неговата вистинска страст, спојувањето на перуанската и јапонската гастрономија, го довела до отворањето на „Маидо“ во 2009 година, кога имал само 28 години.
Повеќе од вечера
Дегустациското мени „Маидо искуство“ нуди повеќе од десет внимателно осмислени јадења кои претставуваат вистинска авантура за сетилата. Состојките пристигнуваат од Андите, Амазонија и северното крајбрежје на Перу. Меѓу понудите се:
- Рамен со лигни и амазонски колбас;
- Морски полжави со пена од жолта чили пиперка,;
- Специјалитетот на Цумура: говедски ребра варени над 48 часа.
Цената на оваа гастрономска авантура? Се движи од 287 до 585 евра по лице, во зависност од избраното мени.
Што претставува никеи кујната?
Никеи кујната е спој од јапонската прецизност и перуанското богатство на вкусови. Станува збор за кулинарска фузија која произлегла од повеќе од еден век соживот на јапонските имигранти во Перу.
Во почетокот на 20 век многу Јапонци се доселиле во Перу, носејќи ги своите техники и филозофија во работата со храна, но истовремено прифаќајќи ги локалните состојки: чили пиперки (ајис), пченка, компири, лимета, киноа, егзотично овошје...
Така се развил никеи стилот, јапонска техника + перуански состојки, кој денес се смета за еден од највозбудливите современи кулинарски правци во светот на високата гастрономија.
Извор:
Bizlife.rs
Фото: Unsplash