X
 25.07.2019 Здравје

Оваа земја целосно сака да го забрани пушењето до 2030 година

Британската влада ја објави нејзината цел: до 2030 година да го забрани пушењето во Англија.

Владата објави „зелен документ“ наречен „Унапредување на нашето здравје: превенција во 2020-тите“, каде ги претстави плановите што Англија планира да ги преземе во блиска иднина во борбата против болестите што можат да се спречат

Една од грижите што особено се истакнува е штетното влијание на пушењето што претставува национален здравствен проблем. Властите забележуваат подобрување кога станува збор за борбата против пушењето во оваа земја во изминативе години, што им ја зголемува надежта дека ќе успеат во нивната намера целосно да го искоренат пушењето.

- Благодарение на заедничките напори, сега имаме една од најниските стапки на пушачи во Европа. Една од шест возрасни лица пуши во Англија - се наведува во документот. Затоа, владата на Англија си поставува амбиција: до 2030 година, оваа земја да биде земја на непушачи.

- Ова вклучува ултиматум за индустриите да исфрлат од употреба цигарите до 2030 година, а пушачите да се откажат или да преминат на производи со намален ризик како што се е-цигарите - пишува во документот.

Во наредните години, владата на Англија ќе претстави конкретни мерки и чекори што треба да ги доведе до целта. Помеѓу останатото, зелениот документ предлага да се даде поддршка на хоспитализираните пациенти за да се откажат од пушењето.

Владата додава дека Англија стана една од првите земји што го забранија пушењето на јавни места во 2007 година, покрај воведувањето на обичните амбалажи за цигари пред три години.

Пред некоја година владата го објави својот план за контрола на цигарите во Англија. Планот вклучи цел за намалување на бројот на возрасни во земјата кои пушат, од 15,5 отсто на 12 отсто до 2022 година.

Ново издадениот зелен документ исто така упатува на проблемите како дебелината, услугите за менталното здравје и превенција на дијабетесот. Во него се наведува дека ќе се донесат мерки за пренасочување на здравствениот систем од само лекување на болеста кон спречување на овие проблеми.

Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје