X
 25.12.2023 Живот

Секоја година 80.000 возачи во Германија мора да полагаат „идиот-тест“

Медицинско-психолошкиот преглед или популарниот „идиот-тест“ ги очекува сите германски возачи што ќе ја изгубат возачката дозвола поради возење под дејство на алкохол, дрога или добиени многу казнени поени.

Поради ова, германските законодавци сметаат дека е време возачот да оди на преглед и да пополни тест кој ќе ги оцени неговите психо-физички способности за возење автомобил. По правило, околу 80.000 возачи се принудени да го полагаат овој тест секоја година, а 40 отсто од возачите во Германија не успеваат да го положат првиот пат и мора да полагаат по втор пат.

Тестот се состои од лекарски преглед, интервју со психолог, тест за реакција (и концентрација) и прашалник. Ова се неколку прашања типични за овој тест:

- Колку долго ја имаш возачката дозвола?
- Како се оценуваш себеси како возач?
- Како реагираше на првите опомени и казни?
- Кои се твоите одлуки денес и што се разликува од порано?
- Што ти значи возачката дозвола?

Целта на овој тест е да се открие дали личноста признава дека направила грешки во минатото и научила нешто од нив. Дополнително, треба да се утврди дали во иднина треба да се очекува недолично однесување или ќе преовладува чувството на одговорност.

Идејата не е да се види дали возачот ги знае сообраќајните правила, туку каков е неговиот став за возењето и дали научил нешто од неговите прекршоци.

Во јутјуб-видео адвокатот на германскиот автоклуб АДАЦ, Левин Шнајдер, детално ги опишува трошоците за овој тест. Важно е да се нагласи дека нема паушални стапки и трошоците варираат од случај до случај. Но, според него, треба да ги очекувате следните ставки:

- Можни се подготовки во индивидуални термини кои чинат околу 100 евра на час: 10 часа се 1.000 евра. Групните сесии се поевтини: од 500 до 600 евра по лице.

- Доказ за апстиненција од алкохол или дрога: Обично се бара во случај на возење под дејство на алкохол или дрога. Во разговор со психолог може да се разјасни што точно треба да се направи во одреден случај. Потребни се и анализи кои обично чинат меѓу 200 и 300 евра, преглед на примероци од урина - од 50 до 100 евра.

- Трошоци за процена: Овде нема класичен ценовник и обично треба да се платат од 400 до 800 евра. Најевтината опција за тестот е за оние што имаат премногу казнени поени. Возачите што ја изгубиле возачката дозвола поради прекршоци предизвикани од употреба на алкохол мора да платат повеќе. Најскапата варијанта обично е тест за возачи кои ја изгубиле дозволата затоа што возеле (или предизвикале несреќа) под дејство на дрога.

- Новото барање за возачка дозвола чини околу 250 евра, така што генерално тестот ќе чини повеќе од 2.500 евра.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот