X
 26.01.2020 Живот

Мапа на Европејци со најлоши хигиенски навики

Мијте ги рацете пред јадење и по одење во тоалет. Тоа е едноставната порака на Глобалниот ден за миење раце. Денот е насочен претежно на земјите во развој како Етиопија, Нигерија, Индија и Филипините каде што основната хигиена (или нејзиниот недостиг) е важен фактор за преживување на децата. Подобрувањето на хигиенските навики бара подигнување на свеста, примена на постојано укажување и промена во културата.

Но, не се само земјите во развој тие што треба да имаат почисти раце. Како што покажува оваа мапа, некои земји во Европа дефинитивно имаат проблем со (не)миењето раце. Мапата ги покажува резултатите од анкетата на „Галуп“. Испитаниците одговориле на прашањето: Дали автоматски ги миете рацете со сапун и вода откако ќе одите во тоалет?

evropa
Фото: Jakub Marian


Меѓу испитаниците најчисти се Босанците (96 отсто), а веднаш зад нив се Турците (94 отсто). Овие високи оцени се поврзани со исламската процедура за миење на рацете (и устата, ноздрите, дланките, главата и стапалата) како средство за ритуално чистење, пред молитвата.

И другите балкански народи се меѓу најчистите во Европа: Косовците (85 отсто), Грците и Романците со 84 отсто, Србите со 83 отсто. Меѓу нив се најде и нашата земја, па 82 отсто од Македонците изјавиле дека ги мијат рацете откако ќе излезат од тоалет. Единствените други Европејци со слично ниво на чистота се Португалците со 85 отсто.

Следната група на земји има за 10 отсто пониски резултати. Исланд, Шведска и Германија имаат 78 отсто, Финска 76 отсто, Велика Британија 75 отсто, Ирска 74 отсто и Швајцарија 73 отсто. Бугарија е единствената „валкана“ точка во инаку чистиот Балкан, со 72 отсто. Во Чешка 71 отсто од луѓето ги мијат рацете по одење во тоалет, заедно со Украина.

1
Фото: Jakub Marian


Во третата група се наоѓаат земјите со најнизок резултат: Полска со 68 отсто, Естонија 65 отсто, Русија 63 отсто, Франција 62 отсто, Шпанија 61 отсто и Белгија 60 отсто, Австрија 65 отсто и Италија 57 отсто.

Но, која земја е најнечиста од сите? Холандија! Холанѓаните генерално имаат репутација како нација во која владее редот и чистотата, но како што излегува, тоа во голема мера е незаслужено. Како што покажува анкетата, половина од Холанѓаните не ги мијат рацете со сапун кога излегуваат од тоалет. Ниту една друга земја во Европа нема полош резултат од нив.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот