X
 26.03.2020 Здравје

Дали снегот и ниските температури влијаат врз коронавирусот?

Прашањето што деновиве на сите ни паѓа на памет е дали снегот на некој начин може да влијае врз запирањето или ширењето на новиот коронавирус?

Снегот инаку помага во чистењето на воздухот од загадувањето. Снегулката се создава кога капка вода ќе се замрзне во воздухот. За време на тој процес ситните честички во воздухот, кои евентуално содржат вируси, се лепат на снегулката, а кога таа ќе стане доволно тешка, паѓа на земјата. Поради тоа, по снегот воздухот обично е почист и посвеж.

Меѓутоа, тоа не значи дека снегулката може да го замрзне или убие вирусот. Вирусите опстануваат во одреден опсег на температури, а тој зависи од нивната обвивка, односно од слојот липиди што го обвиткуваат.

Како што велат научниците од Пекинг, не им пречат ниските температури на сите вируси, а со оглед на тоа дека овој вирус е нов, експертите сѐ уште не можат да кажат какво влијание има снегот врз него.

И Австралијците неодамна се понадеваа дека зимата што доаѓа ќе го „убие“ коронавирусот, но нивните експерти објаснија дека не е така.

- Истражувањата за коронавирусот сѐ уште траат, но мораме да забележиме дека тој се прошири на целата планета, без оглед на тоа за која климатска зона станува збор. Тоа посочува дека вирусот не е толку подложен на промените на температурата - истакнува пулмологот Том Коцимбос, професор на Универзитетот „Монаш“ во Мелбурн.

Досега вирусот во Европа се пренесуваше така што луѓето го носеа од жариштата во земјите во кои патуваа. Во некои од тие земји сега е многу топло, додека во други студено. Значи, многу работи зависат од имунолошката слика на населението, додава Меру Шил од Националниот институт за јавно здравје и епидемиологија на Австралија.

- Ние сѐ уште не знаеме доволно за овој вирус за да кажеме дека реагира на временските услови. Но, постојат индикации дека е пресудно каков имунитет имаат жителите на земјата во која го има вирусот, а не во какви временски услови живеат - вели таа.

Експертите од целиот свет препорачуваат дека е најдобро да се остане дома и да се избегнува контакт со луѓе, како и редовно и детално да се мијат рацете.

Извор: National Geographic
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје