X
 26.03.2026 Живот

Нема автомобил без паркинг: Правило што функционира во Јапонија, a дали би можело и кај нас?

Во Јапонија, каде што просторот е вистински луксуз, правилата се јасни: ако сакаш автомобил, тогаш мора да имаш каде да го паркираш. Уште во 60-тите години оваа земја воведе едно од најлогичните, но и најстроги правила кога станува збор за автомобилите, таканаречениот „доказ за обезбеден паркинг“ или „гаражен сертификат“.

Уште од 1962 година, благодарение на т.н. Закон за гаражи, секој иден сопственик на автомобил во Јапонија мора да обезбеди потврда од локалната полиција дека има обезбедено паркинг-место надвор од улицата. Овој документ, познат како „шако шомеишо“, е услов за регистрација на возилото.

Важно е дека не мора да поседувате паркинг-место. Доволно е да го изнајмите. Ако живеете во зграда без гаража, едноставно мора да најдете слободно место во близина и да докажете дека имате право да го користите.

Нема заобиколување, а улицата не е опција

Она што го прави овој систем особено ефикасен е второто правило што го придружува: во Јапонија е забрането ноќно паркирање на улица. Со други зборови, дури и ако се обидете да го „заобиколите“ системот и да купите автомобил без реален паркинг, немате каде да го оставите.

Комбинацијата на овие две мерки практично го елиминира хаосот на улиците. Автомобилите не се паркираат на тротоарите, не го блокираат сообраќајот и не ги претвораат населбите во импровизирани паркинзи.

Како почнало сè?


Кон крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години, со наглиот раст на бројот на автомобили, тесните јапонски улици станале уште потесни. Наместо да ги прошируваат патиштата или да жртвуваат простор за пешаците, властите донеле одлука - одговорноста за паркирањето се префрла на сопствениците на автомобили.

Оваа политика немала цел директно да го ограничи поседувањето автомобили, но индиректно го постигнала тоа, особено во големите градови како Токио. Кога едно паркинг-место може да чини неколку стотици долари месечно, многу граѓани едноставно одлучуваат дека автомобилот не им е неопходен.

Резултатот?

Резултатот е помал број автомобили во урбаните места, поголема употреба на јавниот превоз, како и поуредени и попроодни улици.

За разлика од другите земји, особено кај нас каде што автомобил може да се купи без никакво прашање каде ќе се паркира, последиците се видливи секојдневно.

А кај нас? Тротоарите и зелените површини претворени во паркинг, вечна потрага по слободно паркинг-место и конфликти меѓу станарите. Во многу делови од градовите бројот на автомобили далеку го надминува бројот на достапни паркинг-места, а урбанистичките решенија често доцнат зад реалноста.

Но клучната лекција од Јапонија не е само правилото, туку комбинацијата на мерки. Без строга контрола и забрана за непрописно паркирање, „доказот за паркинг“ не би имал ист ефект.

Додека во нашата земја автомобил често се купува со мислата „ќе се снајдеме за паркинг“, во Јапонија важи спротивното: прво паркинг, па потоа автомобил.

Можеби токму во таа разлика се крие одговорот зошто нивните улици се проодни, а нашите сè почесто затрупани.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот