X
 26.04.2018 Технологија

Паметен штекер паметно штеди електрична енергија

Идејата за паметен дом од ден на ден станува сѐ попопуларна, а голем број брендови полека пласираат уреди кои можат да ви помогнат да заштедите време, електрична енергија, па дури и да ја подобрите безбедноста во домот. Еден од производите што се хит во овој брзорастечки сектор е и таканаречениот паметен штекер, кој воодушевува многу луѓе низ светот.

Станува збор за мал штекер кој се става во стандардниот, а потоа во него го приклучувате вашиот уред. За негова инсталација не треба да имате ништо друго освен рутер и паметен телефон - уреди кои може да се најдат во речиси секој дом.

Со помош на паметните штекери вие преземате контрола над уредите во домот преку далечинска команда. Поевтините чинат околу 15 евра, а сите може да се синхронизираат и со повеќето куќни асистенти, како оние од „Амазон“ и од „Епл“.

Што всушност е паметниот штекер?

Паметниот штекер, како што напоменавме, се става во стандардниот и е спарен со апликација со чија помош можете да управувате со уредот, дури и кога сте на пат или надвор од домот. Со користењето на апликацијата можете да правите работи како пуштање на светилките или на климата пред да дојдете дома, можете да го пуштите апаратот за кафе пред да станете и така натаму.

Може ли да ги намали месечните трошоци за електрична енергија?


Краткиот одговор е да. Една од причините што сѐ повеќе луѓе купуваат паметни уреди за дома е намалувањето на сметката за електрична енергија. Со тоа што светилките автоматски се исклучуваат кога ќе излезете од дома дефинитивно ќе заштедите електрична енергија. Некои паметни штекери автоматски ја следат вашата потрошувачка преку апликација. Со тоа ќе добиете многу подобар увид во тоа кои уреди трошат најмногу електрична енергија и кои би можеле да бидат заменети со штедливи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија