Германската влада планира да спроведе коалициски договор за дополнително заострување на законите за имиграција, што вклучува укинување на забрзаната постапка за стекнување државјанство и запирање на семејното обединување за лица со супсидијарна заштита.
- Досега, до 1.000 луѓе месечно можеа да имигрираат во Германија како дел од програмата за повторно обединување на семејствата. Сега на тоа му дојде крајот - истакнал министерот за внатрешни работи Александар Добринт (Христијанско-социјална унија ЦСУ) во интервју за весникот „Билд“.
Тој објаснил дека владата ќе донесе измени во законите договорени во коалицискиот договор на новата демохристијанско-социјалдемократска влада, кои се однесуваат на запирање на програмата за семејно обединување и откажување на забрзаното стекнување државјанство. Отсега луѓето што уживаат во таканаречената супсидијарна заштита повеќе нема да можат да доведуваат членови на семејството во Германија.
Лицата со супсидијарна заштита се лица на кои не им е доделен азил, но не се протерани затоа што им се заканува прогон во нивната земја на потекло, или затоа што нивниот живот е во опасност. Откако ќе престане опасноста во земјата на потекло, како што е крај на војна, на пример, супсидијарната заштита исто така престанува да важи.

Мерката за укинување на правото на семејно обединување моментално се воведува на две години. Во исто време, се укинува и неодамна донесениот закон за забрзано стекнување германско државјанство по три години престој во Германија.
- Мора да ги елиминираме факторите што ги привлекуваат бегалците во Германија. И со тоа покажуваме дека миграциската политика во Германија се менува - рекол Добринт.
Добринт воведе построги контроли на германските граници и враќање од границите на сите оние што немаат потребни документи за влез во земјата, меѓу кои и оние што сакаат да аплицираат за азил во Германија.
Најавите за заострување на законите за имиграција беа критикувани од опозициската партија.
-Новата влада спроведува политика на обични симболи и тоа преку грбот на најслабите, а во исто време не се грижи за кршењето на законот - вели Шахина Гамбир, портпаролка на партијата Зелени.
За Унијата ЦДУ/ЦСУ и канцеларот Фридрих Мерц, драстичното намалување на нерегуларната имиграција е една од централните задачи на новата влада.
Извор: klix.ba
Фото: Freepik