Деновиве беше откриено уште едно големо „протекување“ на податоци кое влијае врз околу 184 милиони луѓе од целиот свет. Корисничките имиња и лозинките за сметки отворени кај „Гугл“, „Мајкрософт“, „Епл“, Мета“ (Фејсбук, Инстаграм), „Роблокс“, „Снепчет“ и други беа пронајдени во отворена база на податоци, незаштитена со енкрипција и достапна за секој преку интернет. Ова го открил експертот за безбедност Џеремаја Фаулер и објавил дека точно 184.162.718 уникатни комбинации на кориснички имиња и лозинки се евидентирани во базата на податоци, сите во документ „тежок“ 47,42 гигабајти.
Валидни податоци во слободен промет
Истражувачот вели дека преку случајна проверка утврдил дека станува збор за податоци за пристап до разни кориснички сметки, од оние на социјалните мрежи до банкарски сметки, е-пошта, апликации, услуги, здравствени и владини портали. Затоа, многу од овие податоци можат да се користат за неовластен пристап до услугите.

Најверојатниот извор на податоците е злонамерна програма „крадец на информации“ од непознато потекло и вид. Ваквите програми се дизајнирани специјално за инфилтрирање на компјутерите на жртвите и крадење чувствителни податоци, како што се оние што се користат за пристап до кориснички сметки, од интернет-прелистувачи, е-пошта на клиенти и апликации за пораки. Некои варијанти на овие програми можат да „приберат“ податоци од функцијата за автоматско пополнување на прелистувачот, интернет-колачињата или дигиталните криптовалутни паричници.
Фаулер наведува дека лично ја потврдил автентичноста на податоците и дека тие се навистина реални, односно дека пронајдената база на податоци содржи активни податоци за пристап до кориснички сметки. Тој, исто така, потсетил на основните форми на заштита од напади што би можеле да се случат, откако таквите податоци ќе паднат во рацете на злонамерни лица: потребно е редовно да се менуваат лозинките, да се користи двофакторска автентикација секогаш кога е можно и да се избираат лозинки така што тие не се повторуваат и тешко се погодуваат. Менаџерите за лозинки, како и антивирусните решенија, можат да помогнат во сето ова.
Извор: bug.hr
Фото: Freepik