За милиони луѓе што секоја година ја напуштаат својата работна позиција, пензијата може да изгледа како заслужен одмор. Но, таа може да предизвика и значителни промени во менталното здравје, вклучително и зголемен ризик од когнитивен пад и депресија.
Додека сте во работен однос, станувате рано, се дружите со колегите и се справувате со менталните предизвици на својата професија. Одеднаш, по 40 години, ја губите таа рутина. Телото и мозокот треба да се приспособат на новата состојба, дека повеќе не се неопходни. Како резултат на тоа, може да се појават когнитивни и емоционални промени како природен одговор на неактивноста.
Сепак, пензионирањето може да биде можност за подобрување на когнитивното и менталното здравје благодарение на новостекнатото време за дружење и хобија. Дури и ако веќе се јавил некаков когнитивен пад, постојат силни докази дека мозокот може да се обнови дури и во подоцнежните години од животот.
Пад на когнитивните способности и расположението
Една анализа спроведена врз повеќе од 8.000 пензионери во Европа покажа дека вербалното помнење (способноста да се присетиме низа зборови по одреден период) генерално опаѓа побрзо по заминувањето во пензија во споредба со периодот кога луѓето сè уште биле активни во работната средина. Друго истражување, спроведено во Англија, откри нагло намалување на вербалното помнење по пензионирањето, иако други когнитивни способности, како што е апстрактното расудување, останале непроменети.
Исто така, истражувањата покажуваат поврзаност меѓу пензионирањето и појавата на депресија. Наглиот премин од динамичен работен живот кон недостиг на активности може да ја влоши самоперцепцијата, да предизвика лошо расположение, тага, па дури и посериозни симптоми на депресија и проблеми со меморијата, предупредуваат научниците.
Пензијата како заслужен одмор - но што со слободното време?
Се чини дека природата на работното место и начинот на кој ја доживуваме својата професија игра значајна улога во ризикот од когнитивен пад. На пример, истражувачите утврдиле дека луѓето што работеле на високи раководни позиции покажуваат поголем пад на когнитивните способности по пензионирањето во споредба со другите. Причината може да биде тоа што нивниот идентитет бил посилно поврзан со кариерата.
Истражување во Европа открило дека луѓето што заминале во пензија порано од предвидената старосна граница покажале помал когнитивен пад од оние што останале подолго на работа. Можно е тоа да се должи на фактот што оние што се пензионирале порано можеби немале професии што барале многу, па затоа нивниот когнитивен пад бил постепен.
Од друга страна, луѓето што биле принудени да се пензионираат поради здравствени проблеми или финансиски тешкотии може да се соочат со поголеми последици.
Интересно е дека жените поретко доживуваат нагло когнитивно или ментално опаѓање по пензионирањето. Причината за тоа може да биде што имаат поголеми шанси да продолжат да се дружат и да поминуваат време со семејството, што позитивно влијае врз нивниот мозок.
Експертите велат дека пензионирањето може да биде период на личен раст, а не на пад. Клучно е да се подготвиме однапред.
- Не чекајте да заминете во пензија за да размислувате како ќе го исполните времето. Планот не смее да биде: „Работев напорно толку години, сега прво ќе се одморам, а потоа ќе видам што ќе правам“ - нагласува д-р Рос Андел, професор на Државниот универзитет во Аризона.
Идеално, неколку години пред пензионирањето треба да воведеме нови ментални и физички активности, советува д-р Алисон Мур, шеф на одделот за геријатрија, геронтологија и палијативна нега на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.
Дури и ако не започнеме веднаш, важно е да имаме план. Одложувањето на одлуките, на пример, дали ќе патуваме шест месеци – може да го отежни приспособувањето на пензионерскиот живот.
Пронаоѓање нова смисла
- Многу луѓе сметаат дека нивната смисла во животот е поврзана со нивната работа, па кога ќе ја изгубат, треба да најдат нов начин да го исполнат тоа место - вели професорот Џон Берд од Медицинскиот центар на Универзитетот Колумбија. Истражувањата покажуваат дека луѓето што имаат чувство на цел во животот обично доживуваат помал когнитивен пад со стареењето.
Особено корисен може да биде волонтерскиот ангажман. Истражувањата покажуваат дека пензионерите кои редовно волонтираат имаат побавно биолошко стареење и го спречуваат когнитивниот пад бидејќи остануваат активни без стресот што го носи редовната работа.
По пензионирањето, често доаѓа до губење на социјалните контакти.
Истражувањата покажуваат дека прво опаѓа бројот на интеракции со други луѓе, а потоа и когнитивните способности.
Дружењето не може да се замени со гледање телевизија
За да се спречи депресијата, когнитивниот пад и раната смрт поврзана со социјалната изолација, пензионерите треба да го заменат секојдневното дружење на работа со редовни лични или онлајн средби.
Но, не се сите форми на социјализација еднакво корисни. Најдобри активности се оние што го стимулираат мозокот и поттикнуваат смислени разговори. Само слушањето радио или гледањето телевизија не е доволно, предупредуваат невролозите и психолозите.
Истражувајте нови можности
Креативните активности можат да го зачуваат остриот ум. Истражувањата покажуваат дека креативноста може да се развива како секоја друга вештина – без разлика дали е тоа пишување, готвење нови рецепти или испробување нови физички активности.
Редовната физичка активност е клучна за здравјето на мозокот, а новите искуства можат да донесат дополнителна смисла и лична сатисфакција.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik