Не е тешко да се претпостави дека зависноста на младите од технологијата уште повеќе ќе се зголемува.
На една конференција извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, го коментираше односот меѓу луѓето, особено младите, и вештачката интелигенција. Меѓу другото, тој потврди нешто што на многумина веќе им е јасно. Младите денес се премногу зависни од „Чет-ГПТ“ и се потпираат на него во прекумерна мера.
Таа зависност е разновидна - од емоционална, бидејќи некои гледаат на „Чет-ГПТ“ како на пријател, до зависност во носењето одлуки. Се покажало дека дел од младите повеќе не можат самостојно да донесат ниту една одлука без претходно да се посоветуваат со вештачката интелигенција. Бидејќи чет-ботовите можат да паметат сѐ за што разговарале со корисниците, почнале да ги познаваат подобро отколку нивните пријатели и роднини. „Чет-ГПТ“ ги знае нивните навики, желби, па дури и сѐ за нивните пријатели, а младите (и постарите) понекогаш бараат совет за работи за кои би им било непријатно да разговараат со луѓе.
- Ме познава, ги познава моите пријатели. Ќе направам сѐ што ќе каже“ - така Алтман го коментираше односот на дел од младите со „Чет-ГПТ“, нагласувајќи дека тоа никако не е добро. Дури и ако „Чет-ГПТ“ дава одлични совети, дури и ако тие совети се подобри од оние што ги даваат човечки терапевти, нешто во врска со колективната одлука нашите животи да ги живееме според насоките на вештачка интелигенција изгледа лошо и опасно, вели тој.
Младите секојдневно користат чет-ботови и според истражување на организацијата „Комон сенс медиа“, над 70 отсто од нив веќе разговарале со вештачка интелигенција, а половина од нив барем делумно го послушале советот што им го дала вештачката интелигенција. Притоа, помладите деца (13-14 години) повеќе ѝ веруваат на технологијата (27 отсто), во споредба со оние од 15 до 17 години, каде што тој процент е 20. Од групата што им верува на чет-ботовите речиси една четвртина имаат значителна или целосна доверба во нив.
Таквата прекумерна зависност од технологијата и вештачката интелигенција е навистина загрижувачка, а изгледа дека „Опен АИ“ сѐ уште нема преземено конкретни мерки. Имено, на споменатата конференција Алтман нагласи дека засега се обидуваат да сфатат што треба да направат со овој проблем.
Додека тие размислуваат за тоа, младите ќе продолжат да ја користат оваа технологија. Нејзините придобивки за сите се големи и неверојатни, но постои и негативна страна поради која младите би можеле дополнително да се отуѓат од своите пријатели и наместо со вистински луѓе, да разговараат само со чет-ботови кои ги разбираат и ги познаваат. Исто така, како што предупреди и Алтман, младите би можеле да ја изгубат способноста за самостојно донесување одлуки и, кога ќе се соочат со проблем, наместо да се потрудат и да размислат, решението би го побарале кај „Чет-ГПТ“ и слични чет-ботови.
Извор:
Business Insider
Фото: Freepik