X
 11.10.2018 Технологија

Чекор кон посигурен интернет: Со закон се забрануваат лошите лозинки!

Американската сојузна држава Калифорнија донесе интересен закон со кој се забрануваат лошите лозинки, со што сака да ги зголеми безбедносните стандарди за уреди што се произведени или се продаваат во оваа држава. Секако, не станува збор за секојдневните лозинки што ги користат „обичните“ корисници, туку за лозинките што често произведувачите на уреди и електроника им ги даваат, на пример „admin“ или „password“.

Ваквите лозинки, кои често се користат и на некои рутери, се одредуваат во фабричките поставки на рутерот, веб-камерата и на другите уреди - со започнувањето на користењето на овие уреди корисниците би требало да можат да ги променат, но во практика тоа често не е случај. Поради неодговорност, мрзливост или некоја трета причина, оваа лозинка останува непроменета, што претставува голема опасност за сопствениците на овие уреди бидејќи постои голема можност некој да влезе во рутерот или веб-камерата.

2
Фото: Pixabay


Законот што го донесе Калифорнија ќе забрани вакви лозинки и компаниите за секој уред ќе мора да имаат посебна комплексна лозинка или еднократна лозинка што корисниците по првата најава ќе мора да ја променат.

Овој закон ќе стапи во сила на почетокот од 2020 година, а ако компаниите не се придржуваат кон него, тогаш корисниците во случај на хакерски напад во кој ќе биде искористена ранливоста на системот поради таква лозинка ќе можат да тужат и да бараат отштета.

Благодарение на лошите лозинки на поврзаните уреди, како веб-камерите и хардверите што се користат во паметните домови, пред неколку години беа нападнати сервиси како „Твитер“, „Спотифај“ и „Редит“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија