X
 26.09.2019 Култура

„Маџун“ на Влада Урошевиќ – македонски претставник за наградата „Балканика“

Романот „Маџун“ на Влада Урошевиќ е избран за македонски претставник за книжевната награда „Балканика“, соопшти денес националниот организатор. Жири комисијата, во состав проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Ермис Лафазановски, член, и проф. д-р Лидија Капушевска - Дракулевска, член, во потесен избор ги стави следните и „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска и „Утеха на голите“ од Давор Стојановски.

Одлуката за „Маџун“ била донесена едногласно. Во образложението стои дека „станува збор за кохерентно остварување, кое се издвојува по мајсторството на приказната и раскажувањето, своевидна автофикција, чиј фокус е сосредоточен врз наративот на одраснувањето, во пресрет на драматичните настани на војната“.
- Романот „Маџун“ е структуриран во три дела: „Рајот на детството“, „Сјајот на детството“ и „Крајот на детството“. Самата тријадна градба на делото, во насловите на одделните поглавја го открива како доминантен хронотопот на детството, што, небаре Аријаднина нишка, се провлекува низ лавиринтот на оваа повеќеслојна и комплексна проза. Романот „Маџун“ не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера и роман со исклучително урбан сензибилитет и роман-сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма - стои, меѓу другото, во образложението.

Вкупно 12 книги учествуваа на конкурсот. Тоа се: „Странец под алпите“ на Петар Стојановски, „Ѕвездено дете“ на Ване Костуранов, „Светлината на Сатурната“ на Кристина Димовска, „Скоро парижанка или Како да ги преживееш своите доцни дваесетти...во Париз“ на Јана Мишо, „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ и „Краста на душата“ на Владимир Плавевски, „Под друга капа“ на Владо Јаневски, „Последните денови на Ханс“ на Михајло Свидерски и „Пливање спротиводно“ на Ненад Јолдески.
Фондацијата „Балканика“ е основана во 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето се наоѓа во Софиј, а претседател е писателот, и издавач Николај Стојанов.
Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.
Манифестацијата Балканика годинава ќе се одржи во Тирана, Албанија, на 26 и 27 октомври. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународно стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја до државите членки, а претседател на жирито е американскиот професор Ендрју Вахтел.

Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура