Истражувачи го измислија терминот „отроверт“, изведен од шпанскиот збор „отро“ што значи „друг“, за да го опишат новиот тип личност што не се вклопува во едноставната поделба на интроверт и екстроверт. Отровертите имаат желба за поврзаност, но под свои услови.
Тие не чувствуваат потреба да бидат целосно сами како интровертите, но не бараат ниту постојано внимание и социјална стимулација како екстровертите. Типичен пример е личност која со задоволство ќе оди на забава, но по извесно време тивко ќе си замине бидејќи метежот и бучавата се премногу за неа.
Овие личности уживаат во разговори, но им станува напорно кога се принудени на празни мали муабети. Тие одржуваат значајни и длабоки врски, но често ги избегнуваат социјалните ритуали што се сметаат за вообичаени. Не се ни премногу срамежливи ни премногу експанзивни. Иако можат да бидат друштвени и да функционираат во тим, честопати имаат чувство дека се набљудувачи отстрана. Наместо да се стремат кон големи друштва, повеќе уживаат во блискост со неколку луѓе.
Карактеристиките на отровертите се селективност во социјализацијата и одбивање да се присуствува на секој настан. Ако се појават, тие повеќе ќе поттикнуваат длабоки разговори отколку да се истакнуваат во центарот на вниманието. Поседуваат силни социјални вештини и емпатија, но чувството дека не припаѓаат целосно во групата останува. Не им е целта да припаднат некаде и често нивната креативност и различен начин на размислување ги тера да ги доведуваат нормите во прашање.
На прв поглед, отровертите може да изгледаат слично на амбивертите бидејќи и тие се некаде помеѓу интровертите и екстровертите. Но разликата е суптилна. Амбивертите се чувствуваат удобно и лесно се приспособуваат зависно од контекстот, можат да бидат и едното и другото. Отровертите, пак, никогаш не се чувствуваат целосно удобно ниту во едниот ниту во другиот модел. Тие не се стремат секогаш да се вклопат и честопати живеат со чувство дека не припаѓаат.
Создавањето на овој термин е обид да се признае сложеноста на човечката личност и да се даде име на оние што со години се чувствувале несфатени. Во светот на дигиталната култура, социјалните мрежи и мешавината на глобални идентитети и норми, многумина растат меѓу повеќе културни влијанија и не припаѓаат целосно ниту на едната ниту на другата страна. За нив, можноста да кажат „Не сум антисоцијален, јас сум отроверт“ може да биде начин подобро да се разберат и прифатат себеси.
Извор:
Indiatimes.com
Фото: Freepik