X
 26.10.2023 Образование

Медицинското училиште од Штип бара да се повлече огласот за стипендирање со кој се изземени здравствените струки

Сто и седумдесет ученици во прва година во средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип, но и во сите други медицински училишта во земјава се дискриминирани бидејќи Министерството за образование и наука ги укинува стипендиите за овие ученици во дуалните паралелки и тоа само за здравствените струки, истакна на денешната прес-конференција директорката на СОУ „Јане Сандански“, Марија Николиќ. 

Таа посочи дека на огласот за стипендии за ученици во дуалните паралелки стои дека важи за сите училишта, освен за учениците во училиштата во здравствените струки. Николиќ истакна дека по воведувањето на дуалното образование во учебната 2018-2019 година, сите средни стручни училишта, меѓу кои и медицинските, направија големи реформи со воведување и на 40% повеќе пракса за учениците.

- Напорно работевме и ги постигнавме сите стандарди што ги бара Министерството за образование и наука за да може да ги формираме дуалните паралелки во сите профили во училиштето. Така во учебната 2023-2024 година СОУ „Јане Сандански“ во Штип има запишано 170 ученици во дуално образование. Мотивацијата да формираме дуални паралелки беше да ја зголемиме атрактивноста на средното медицинско училиште и активно да се вклучи во кампањата „Учи паметно, работи стручно“. Еден мал сегмент за мотивација на учениците беше токму стипендирањето во дуалните паралелки - вели Николиќ.

Таа кажа дека веќе имале состанок со Советот на родители и со наставниците и сметаат дека со укинувањето на стипендиите во дуалните паралелки во здравствените струки се прават низа прекршувања.

- Сметаме дека е направена дискриминација по однос на конкурсот, односно повикувајќи се на членот од Законот за задолжително средно образование, членовите од Уставот, кои гарантираат образование за сите и сметаме дека Mинистерството за образование и наука ги крши овие членови и ги ограничува учениците да конкурираат на конкурсот, а камоли да го добијат стипендирањето - вели Николиќ.

Забележа дека здравствените струки воопшто не се дефицитарни, туку напротив недостигаат медицински сестри и техничари во речиси сите болници во земјава и приватни здравствени организации, а тоа се гледа и на огласите кои ги објавуваат здравствените институции. Барањето на средните медицински училишта во земјава е да се повлече овој оглас и да им се овозможи на сите ученици од здравствените струки да конкурираат за добивање стипендии во дуалните паралелки во прва година. Средните медицински училишта најавија претставки до Народниот правобранител и до комисиите за дискриманција и борба против корупцијата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование