X
 19.06.2022 Здравје

Стресот го забрзува стареењето на имунолошкиот систем

Стресот, без разлика дали е поттикнат од трауматични настани, незадоволство од работата, секојдневни проблеми или дискриминација, го забрзува стареењето на имунолошкиот систем, покажува истражување спроведено на Универзитетот во Јужна Калифорнија.

Со тоа, стресот потенцијално го зголемува ризикот од заболување од рак, кардиоваскуларни болести и инфекции како ковид-19, според истражувачите. Истражувањето може да ги објасни разликите помеѓу луѓето кога станува збор за здравјето и да покаже можни насоки за интервенција.

- Како што се зголемува населението на постари лица во светот, разбирањето на разликите во здравјето поврзани со возраста е клучно. Промените поврзани со возраста во имунолошкиот систем играат клучна улога во влошувањето на здравјето - изјавил Ерик Клопак, главен автор на истражувањето.


Фото: Freepik

Имунолошкиот систем ослабнува со стареењето, а ова е поврзано со појавата на ракот, но и кардиоваскуларни болести, зголемен ризик за пневмонија, намалена ефикасност на вакцини и стареење на органите. Во истражувањето биле анализирани податоци од 5.744 лица постари од 50 години.

Испитаниците што биле под поголем стрес имале послаб имунолошки систем. Било заклучено и дека лицата што имаат поголем стрес најчесто јадат послаба храна и помалку вежбаат, што може делумно да го објасни забрзаното стареење на имунолошкиот систем.

Според истражувачите, подобрувањето на исхраната и навиките за вежбање кај постарите може да го забават стареењето на имунолошкиот систем предизвикано од стресот.

Извор: Science daily
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје