Сѐ што детската фантазија го замислува, па дури и повеќе, може да се доживее во забавните детски паркови во хотелите во Анталија, Турција, кои се дел од годинашната туристичка понуда на „Фибула травел Македонија“.
Од лудории на вода, топогани, лунапаркови, детски голф-игралиштa, дискотеки, кино, работилници за готвење, градини со играчки животни, насликани кучиња по хотелските соби, ладилници во вид на куќичка за миленичиња, лизгалки од детските соби директно во градина или базени...
Заедно со туристичката агенција пропатувавме низ десетина хотели со пет ѕвезди во Сиде, Белек и Лара на Средоземно Море. Изворно ви пренесуваме дека Турција е рај за семеен одмор со деца. Ова се хотели во кои покрај лудориите на вода, дел од комплексите се вгнездени во природа, па средината е еколошка, со градини за органско производство, миленичиња желки, верверички, хранилки за птици... Одлична можност за уживање во активен и здрав одмор. Доколку имате деца на возраст од 2 до 12 години, ја имате поволноста да не плаќате ништо за нивниот престој, а да добиете „ол инклузив“ услуга.
Од златни песоци, камили, слонови, голф-терени до чоколадни куќички
На медитеранската Златна плажа на Средоземното Море, како што се нарекува една од најубавите плажи во Анталија, пред хотелот Siam Elegance во Белек, децата можат да доживеат и несекојдневно уживање - јавање на камила. Таму ги запознавме камиларот Мехмед и камилата Ѓулај. Имаа исто години - 32 и цел живот го минале заедно.
- Јавање 15 минути чини 30 евра, но за македонските туристи по половина цена. Попустот се должи на тоа што во Кападокија, од каде што е и камилата, сум сретнал семејство кое потекнувало од Македонија, а во 1923 година се преселило таму. За помалите деца за јавање имам и две мали камили - ни рече камиларот Мехмед.
Хотелот со својот препознатлив тајландски стил, ги воодушевува децата со статуи на слонови, надворешни и внатрешни базени, островчиња со палми, топогани, детски куќарки, голф, па и работилница за чоколадни колачи. Овде родителите можат да ги остават децата во игротеките да се забавуваат со други дечиња, под надзор на негувателки, а тие да си издвојат време за себе.
- Во мини-клубот за колачи децата изработуваат десерти. Во сезона во клубот доаѓаат и до 50 деца. Тука се социјализираат, учат за други јазици и народи, учат да бидат космополити - вели шефицата на мини-клубот, Натија Ѓул.
Магијата од детските терени продолжува и во кујна. Тука има 24 часа храна и пијалаци, шведска маса за појадок, доцен појадок, ручек и вечера, полноќна шведска маса до 7 часот наутро, детско и диетално бифе во главниот ресторан, места за закуски во текот на денот, безалкохолни пијалаци, сладолед близу базенот. Во главниот ресторан, делот за благи деликатеси изгледа како да сте пред чоколадната куќичка на Јованче и Марика.
За мајките јога во вода, за децата - диско
За семејствата кои сакаат водата да им е на чекор до собите, вистински избор им е хотелот Well Palace во Сиде. Во таканаречените Family swim up rooms, директно од балконот на собите се влегува во базен. Овој хотел нѐ воодушеви со несекојдневните форми на надворешни и внатрешни базени, топогани и други програми за забава на вода. Додека мајките можат да се забавуваат со јога на вода, за децата има детско диско.
Оние што сакаат да пливаат во море преку цел ден имаат бесплатен шатл-превоз до плажата оддалечена на 400 метри, која изобилува со ситен песок и е погодна за мали деца.
Зелени оази и паркови на вода за игри без граници
За љубителите на природата, кои сакаат заедно со семејствата да уживаат во зеленило, идеален избор е со „Фибула травел Македонија“ да летуваат во Selestum Luxury и Astoria family во Белек. Во овие хотелски ресорти се почувствувавме како да сме во паркови на природата. Бунгаловите се опкружени со тревни терени, прошарани со фонтанчиња и мостови, со детски паркови и лулашки, статуи на жирафи кои достигнуваат дури до вториот кат на сместувачките објекти. Од горниот кат децата можат да се симнат во паркот преку лизгалки. Дел до вилите носат имиња „принц и принцеза“, а таков им е и декорот по собите со насликани миленичиња, а ладилниците се во вид на куќички за кучиња.
Кога го видовме паркот на вода во Selestum Luxury посакавме и ние да сме деца. Вртелешки во форма на огромен цвет, топогани со ликови од цртаните филмови и животинскиот свет, терени за игри без граници, адреналински парк, детско кино, игротека „Во светот на кучињата“ каде што живееше и најдебелата мачка што сме ја виделе.
Во хотелот Astoria family, пак, кој како да никнал од природата, низ тревниците шетаа желки, а на зимзелените високи стебла верверици. Ова е пријателски настроен хотел кон животните, па гостите оставаат лепче во хранилките за птици. Тука се произведува екохрана, па од вилата во која сте сместени доволно е само да подадете рака за да скинете портокал кој расте до вашиот балкон. Ова е и одличен избор за деца кои спортуваат зашто има патеки за трчање, терени за тенис и можеби најдобриот хотелски терен за одбојка на плажа.
Нашиот одмор ќе го паметиме цел живот, а верувајте и вие.
Фото: Жанета Здравковска