X
 02.06.2023 Наша тема

Проект за поставување фотоволтаичен систем во Полог им донесе главна награда на студенти од ФЕИТ на натпревар на инженерски проекти во Турција

Во рамките на нивниот проект беше даден предлог за поставување фотоволтаичен систем кој, поради неговата поставеност врз земјоделско земјиште, ќе биде систем за синтеза на производство на малинки и електрична енергија во Полошкиот Регион

Студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) учествуваа на меѓународниот натпревар ICAMES и оваа година проектот „SolBerries: A Dual Purpose Use of Arable Land with Agrivoltaics and Raspberry Cultivation in Polog, Macedonia“ на Емилија Наумоска, Милош Милошевиќ, Ангела Мешкова и Стефан Мерџаноски, изработен под менторство на асс. м-р Александар Крлески, ја освои главната награда за најдобра презентација.

- Во периодот од втори до осми мај 2023 се одржа 27. издание на ICAMES (International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students) Меѓународната културна и академска средба на студентите по технички науки, организирана од Друштвото на инженери од Универзитетот „Боазиџи“ во Истанбул, Турција. Овој настан претставува натпревар на инженерски проекти во кој се претставуваат проекти од сите инженерски дисциплини изработени од студенти на додипломски студии. За натпреварот дознавме од нашата професорка, доц. д-р Маја Целеска-Крстевска, која ја даде иницијативата за учество на ICAMES оваа година. Студентите на ФЕИТ редовно учествуваат на овој натпревар и ја продолжуваат повеќегодишната традиција на освојување награди на меѓународни натпревари - ни изјавија студентите.

Поставување фотоволтаичен систем

Оваа година на ICAMES 2023 учествуваа студентски тимови од 18 универзитети од повеќе земји, вклучувајќи ги Кина, Италија, Украина, Турција, Кипар, Канада, Јордан, Мароко, Казахстан, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.

- Проектите што се натпреваруваа оваа година имаа задача да дадат придонес, иновативни методи и одржливи решенија за реализација на концептот на „паметни градови“ (анг. Smart cities). Со оглед на тоа што имаше учесници од различни инженерски области, проектите што тие ги пласираа опфаќаа широк спектар на технички решенија, на пример, софтверски апликации, паметно менаџирање со просторот и распоредот на објектите, зачувување на ресурсите, автоматизирани роботи и слично - ни изјави Емилија Наумоска.



Во рамките на нивниот проект беше даден идеен предлог за поставување фотоволтаичен систем кој, поради неговата поставеност врз земјоделско земјиште, ќе биде систем за синтеза на производство на малини и електрична енергија во Полошкиот Регион.

- Со цел добивање податоци за перформансите на системот во однос на електричната енергија, користен е софтверот PVsyst, во кој е направена симулација со дадените услови на избраната локација. За добивање 3Д-слика за тоа како би изгледал нашиот систем, го користевме софтверот Sketch up. По направената анализа се воочува дека и покрај тоа што произведената енергија на годишно ниво незначително се намалува во однос на класичната изведба на фотоволтаичен систем (поради тоа што има повеќе простор меѓу фотоволтаичните модули, со цел да продира повеќе светлина врз растенијата), со производството на земјоделските култури (кои доколку се малини, како во нашиов случај, имаат зголемување во производството бидејќи сенката од панелите влијае поволно врз нив) искористеноста на земјиштето е 185%, а тоа ја оправдува зголемената заинтересираност за нивна имплементација во иднина – ни објасни Милош Милошевиќ.

Како што ни кажа тој, првичната верзија на проектот е изработена во рок од еден месец и првпат беше презентирана во октомври на Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој СКЕЕОР, која секоја година се одржува на нашиот факултет.

- Оттогаш проектот е збогатен со економска анализа за целосната инвестиција и времето за нејзиниот поврат, а додадени се и дополнителни информации за влијанието на агроволтаиците преземени од повеќе пилот-проекти за тестирање кои се сѐ позастапени низ светот – додава Милош.



Еколошки и одржлив проект

На прашањето од каде дојде идејата за проектот, тие посочија:

- Растечката побарувачка на енергија и предизвиците за нејзино задоволување, како и предизвиците за снабдување со храна и сериозните климатски закани се особено јасни и видливи во енергетско-економската криза во која живееме. Енергијата произведена од фотоволтаични централи е клучен елемент во стратегијата за енергетска транзиција на многу земји. Но, проблемот кој се јавува тука е загриженоста за правилното искористување на достапното, обработливо земјиште, но и за трансформацијата на биодиверзитетот и екосистемот која настанува при нивно инсталирање. Како одговор на овие прашања се појавуваат агроволтаиците како нови, иновативни решенија кои ги елиминираат потенцијалните проблеми и нудат ветувачки перспективи за оваа спротивставеност и претставуваат мост за придобивките во врската храна-енергија – истакнува Ангела Мешкова.

Релевантноста на актуелната тема зелена и одржлива иднина е најсилната карактеристика на проектот.

- Физибилити-студиите, каква што е нашата, претставуваат одлична можност за реално испитување на оптимални проектни решенија погодни за развој до комерцијален размер. Освен тоа, најсилните карактеристики на нашиот проект што ја засенија конкуренцијата се: неговата релевантност за актуелната тема - зелена и одржлива иднина која нè засега сите нас, тоа што нуди креативно решение на проблем од клучно значење за развојот и текот на животот понатаму, комплетната анализа што беше приложена, способноста да се добијат конкретни и опипливи резултати, комплементарноста на нашиот тим и поддршката од нашиот ментор, м-р Александар Крлески – посочува Стефан Мерџаноски.



Тие го освоија жирито и беа наградени за најдобра презентација.

-Презентацијата беше јасна и концизна, но истовремено и сеопфатна. Имавме 15 минути да претставиме што сме сработиле и 10-минутен дел за прашања кои ги поставуваше жири од научници и инженери од повеќе држави. Се претставивме со знаење и оправдана самодоверба, одлично ги одговоривме сите поставени прашања и потврдивме дека ФЕИТ навистина нуди квалитет и нѐ спрема да бидеме рамо до рамо со колегите од инженерските насоки од целиот свет – ни сподели Стефан.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема