Припадниците на генерацијата З консумираат значително помалку алкохол од нивните родители, но ново истражување покажува дека причините за тој тренд можеби не се толку позитивни како што изгледа на прв поглед.
Според податоците од „Мониторинг д фјуч“, големо истражување на Универзитет на Мичиген кое ги следи однесувањето, навиките и ставовите на младите, падот на консумацијата на алкохол кај тинејџерите започнал уште кон крајот на 90-тите години.
Истражувањето покажува дека во 2024 година само 41 отсто од учениците во завршните години од средно образование изјавиле дека консумирале алкохол во текот на претходната година. За споредба, во 1997 година тој процент изнесувал дури 75 отсто. Сличен пад бил забележан и кај помладите тинејџери.
Рејчел Џанфаза, која ја истражува генерацијата З, објаснува дека зад сè поголемиот број млади што не пијат стојат три главни причини: промената на начинот на дружење, опсесијата со физичкиот изглед и зголемениот финансиски притисок.
- Начинот на кој се дружиме по ковид-пандемијата целосно се промени - вели Џанфаза и додава дека социјалните мрежи дополнително ги забрзале промените во тоа како младите го поминуваат времето и градат односи.
Младите што растеа за време на ковид-карантинот голем дел од тинејџерските години ги поминаа изолирани од врсниците, токму во периодот кога требаше да развиваат социјални односи. Поради тоа, многумина се навикнаа да се дружат онлајн и својата удобна зона да ја градат на социјалните мрежи.
Алкохолот, од друга страна, традиционално е поврзан со излегувања, барови, забави и дружење во живо, па промената на начинот на социјализација се одрази и врз навиките поврзани со пиењето.
Според неа, социјалните мрежи дополнително ја поттикнуваат културата на „оптимизација на телото“, тренд во кој младите се обидуваат максимално да го подобрат својот физички изглед. Тој притисок ги погодува и момчињата и девојките.
Голема улога имаат и лековите за слабеење кои повторно го вратија идеалот на екстремна слабост. Поради тоа, младите денес многу почесто избегнуваат калорични алкохолни пијалаци како пиво или коктели полни со шеќер.
Џанфаза ја опишува генерацијата З како генерација која доцни во созревањето.
- Не само што пијат помалку, туку имаат и помалку сексуални односи, подоцна полагаат возачки испит и подоцна влегуваат во светот на возрасните - објаснува таа.
Таа тврди дека уште пред пандемијата многу млади зборуваа дека чувствуваат дека нивното детство е многу поконтролирано отколку кај претходните генерации.
Поради тоа, смета дека родителите мора посериозно да се занимаваат со стресот на кој се изложени нивните деца и да ги поттикнуваат на дружење во живо.
Трендот на намалување на консумацијата на алкохол го следи и падот на користењето други супстанции кај младите. Според податоците од истражувањето „Мониторинг д фјучр“, употребата на марихуана кај матурантите паднала на 26 отсто, што е најниско ниво во последните 30 години.
Пад бил забележан и кај електронските цигари. Во 2024 година електронски цигари користеле 21 отсто од матурантите, додека во 2020 година тој број изнесувал дури 35 отсто.
Извор:
Nova.rs
Фото: Unsplash