X
 27.07.2025 Здравје

Шизофренијата е тешка ментална болест што може да биде предизвикана од забрзано стареење на мозокот

Шизофренијата е сериозно ментално нарушување кое погодува над 20 милиони луѓе во светот, а ново заедничко истражување на научници од Универзитетот во Лунд и Универзитетот во Мелбурн укажува дека забрзаното стареење на мозокот може да биде една од причините за нејзината појава.

Оваа болест се карактеризира со повторливи халуцинации и заблуди, и најчесто се јавува во доцната тинејџерска доба или раната зрелост. Станува збор за сложено нарушување што влијае врз речиси секој аспект од животот.

Сличности со други невроразвојни нарушувања

Современите теории за настанокот на шизофренијата посочуваат дека промените во развојот на мозокот за време на критичните години од зрелоста би можеле да играат значајна улога. Болеста често се поврзува со нарушувања како дислексија, аутизам и нарушување на вниманието и хиперактивност (АДХД), кои исто така имаат невроразвојна природа, но обично се манифестираат во детството. Сепак, најновите наоди покажуваат дека забрзаното стареење на мозокот може да биде уште еден потенцијален фактор и тоа може да се измери со едноставен тест на крвта.

Биомаркери за мозочна дегенерација


Истражувањето, кое е уникатно по тоа што ги анализира протеините во крвта кои потекнуваат директно од мозочните неврони кај лица со шизофренија, се фокусира на тенкиот полипептиден протеин. Овој протеин е дел од структурата на нервните клетки и се ослободува во крвта и цереброспиналната течност кога доаѓа до оштетување или дегенерација на невроните. Затоа, тој е важен биомаркер за откривање и следење на невродегенеративни и невролошки нарушувања.

Зголемените нивоа на овој протеин се поврзуваат со Алцхајмерова болест, мултиплекс склероза, Паркинсонова болест и фронтотемпорална деменција. Иако е нормално овие нивоа да растат со возраста, кај луѓето со шизофренија тоа се случува многу порано и побрзо, што укажува на забрзано стареење на мозокот.

Шизофренијата предизвикува предвремено стареење

Сивата и белата маса во мозокот постепено се намалуваат со возраста. Сивата маса е одговорна за обработка на информации, паметење, носење одлуки, контрола на движењата, за видот и слухот. Белата маса поврзува различни региони во мозокот и овозможува брза комуникација. Додека овие промени се нормални во процесот на стареење, кај луѓето со шизофренија тие се случуваат рано и со зголемен интензитет.

Истражувањето покажа дека мозокот на лице со шизофренија може да изгледа постаро отколку што навистина е, дури и кај млади луѓе, што дополнително го отежнува секојдневното функционирање и придонесува кон стигмата и неразбирањето со кои се соочуваат овие лица.

Драстично пократок животен век


Според психијатарот Кристос Пантелис од Универзитетот во Мелбурн, забрзаното стареење на телото е сериозен проблем за луѓето со шизофренија. Тие често се соочуваат со социјална изолација, невработеност, недостиг на физичка активност, пушење и злоупотреба на дроги, а овие фактори дополнително го влошуваат нивното здравје.

Моментално, лицата со шизофренија имаат очекуван животен век пократок за 20 до 30 години во споредба со просекот. Тоа најмногу се должи на појавата на хронични заболувања како карцином и срцеви заболувања уште во младоста. Половина од луѓето со оваа дијагноза имаат барем уште едно хронично заболување како дебелина, болести на дишните патишта, хронична болка или зависности.

Покрај биолошките и психолошките фактори, и околината игра важна улога. Луѓето со шизофренија често се обидуваат да ги ублажат симптомите преку самостојно лекување, се соочуваат со когнитивни тешкотии и имаат проблеми со редовно следење на терапијата.

Ова истражување не само што го продлабочува разбирањето на шизофренијата како биолошко нарушување, туку и потсетува дека како општество мораме да обезбедиме повеќе поддршка не само преку медицинска грижа, туку и преку емпатија, разбирање и прифаќање. Зад секоја дијагноза стои човек кој заслужува живот со достоинство.

Извор: Eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје