X
 28.11.2025 Живот

Адолесценцијата трае до 32 години: ново истражување открива клучни „пресвртни години“ на човечкиот мозок

Мозокот поминува низ пет јасно разграничени фази во текот на животот, со клучни пресврти на 9, 32, 66 и 83 години, покажуваат нови научни истражувања.

Околу 4.000 луѓе на возраст до 90 години биле подложени на мозочни скенирања за да се утврди како функционираат врските меѓу мозочните клетки. Истражувачите од Универзитетот во Кембриџ откриле дека мозокот останува во адолесцентната фаза сè до раните триесетти години, период во кој, според нив, ние го доживуваме врвот. Овие сознанија би можеле да објаснат зошто ризикот од нарушувања на менталното здравје и деменција варира во различни возрасни периоди.

Иако мозокот постојано се менува под влијание на нови знаења и искуства, истражувањето покажува дека тоа не е рамномерна промена од раѓање до смрт, туку се одвива во пет главни фази:

Детство - од раѓање до 9 години;
Адолесценција - од 9 до 32 години;
Возрасен период - од 32 до 66 години;
Рано стареење - од 66 до 83 години;
Доцно стареење - од 83 години па натаму.

- Мозокот постојано се поврзува во текот на целиот живот. Постојано ги зајакнува или ослабува врските, но тоа не е рамна линија, постојат флуктуации и фази - објаснува водечкиот автор, д-р Алексa Мaузли.

Иако постојат индивидуални разлики, истражувачите истакнуваат дека токму овие возрасти најмногу се издвоиле во податоците, нешто што било возможно да се забележи благодарение на огромната количина мозочни скенирања вклучени во истражувањето, објавено во „Нејчр комјуникејшнс“.

Петте фази на мозочен развој

Детство - Во овој период мозокот брзо расте, но истовремено „го прочистува“ вишокот синапси - врски меѓу нервните клетки создадени во најраното детство. Ефикасноста на мозокот всушност опаѓа, функционирајќи повеќе како дете што лута низ парк без јасна насока.

Адолесценција 
- На девет години мозокот влегува во фаза на драматична ефикасност што е „огромен пресврт“, вели Мaузли. Ова е периодот со најголем ризик за појава на ментални нарушувања. Долго време се сметаше дека адолесценцијата завршува со тинејџерските години, а потоа со 20-тите. Новите податоци покажуваат дека оваа фаза трае сè до почетокот на триесеттите, период кога мозочната функција е највисока.

Возрасен период -
Следува подолга, постабилна фаза. Промените се побавни, а мозочната ефикасност постепено се намалува.

Рано стареење -
Промените повторно се активираат, но не преку остар пад. Наместо да функционира како единствен систем, мозокот сè повеќе се дели на поизолирани региони, кои работат поединечно. Во овој период се јавуваат и првите знаци на состојби што го загрозуваат мозокот, како висок крвен притисок или почетни форми на деменција.

Доцно стареење -
Последната фаза личи на раното стареење, но е поизразена. Податоците се поретки бидејќи е тешко да се пронајдат здрави испитаници на оваа возраст. Сепак, се забележуваат јасни модели што се совпаѓаат со клучни животни пресврти, од пубертет до родителство и здравствени промени во подоцнежните години.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот