Факултетите при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола се раздалечени, некои се наоѓаат и во различни градови, па студентите постојано патуваат, а немаат бесплатен и функционален општински и меѓуопштински превоз, вели Димитар Атанасовски, кој пред два месеца беше избран за нов претседател на Универзитетското студентско собрание при УКЛО. Битола како град каде што е седиштето на Универзитетот нема јавен градски превоз што го извршува општинско претпријатие, туку тоа се автобуски линии дадени на тендер на приватни транспортери.
Како главни предизвици што треба да се решаваат за да се олесни секојдневието на студентите од Битолскиот универзитет, Атанасовски ги посочува превозот и нецелосната дигитализација на факултетските услуги.
- Еден од главните предизвици е тоа што нашите факултети се раздалечени, половина се во други градови, па така многу од студентите треба да патуваат, особено на релација Битола – Прилеп и обратно, речиси секој ден, а се соочуваат со проблеми со меѓуградскиот превоз: нередовност и долго патување. Досега сме немале бесплатен превоз и планираме да го побараме тоа од надлежните - вели Атанасовски.
Нема потреба од два индекса
Проблем е и постоењето на два индекса - книжен и електронски, со што се оптоваруваат и студентите и професорите со бирократија и трошење дополнително време и енергија. Пренесувајќи го ставот на студентите, вели дека нема потреба да постојат два индекса, туку е доволен еден, електронски.
- Бараме целосна дигитализација. Нема потреба да постојат два индекса. Проблемот е во тоа што ако професорите ти ги внесат оценките во едниот индекс, на пример, книжниот, а ги нема во електронскиот, тие не важат, и обратно. Има проблем што дел од професорите не се обучени да користат информатичка технологија и некогаш се случува да заборават, погрешно да внесат или да не знаат како. Но, и ако оценките се заведени електронски, студентот пак мора да оди на факултет за да добие потпис и оценка во книжниот индекс. Ние сакаме да ги симнуваме документите од интернет и да не мора да одиме до студентски прашања - вели Атанасовски.
Во Студентскиот дом се случува да нема топла вода
Во однос на Студентскиот дом во Битола, лидерот на студентите, од она што го има видено и му го кажувале колегите што престојуваат таму, вели дека чест проблем е недостигот на топла вода, што особено е непријатно во зимските месеци.
- Постои една читалница за сите блокови и таа не ги задоволува потребите на студентите. Просторот често е пренатрупан, а наместо да се користи за учење, често служи како место за дружење и забава, што го отежнува академскиот фокус. Безбедноста е уште еден сериозен проблем – во некои блокови надворешните врати не се заклучуваат, што овозможува пристап на лица кои не се дел од домот. Основни нешта што треба да бидат обезбедени за секој студент - додава студентскиот лидер.
За студентскиот оброк, истакнува дека е одлична мерка и дека е голем чекор напред во однос на студентскиот стандард. Но, негово лично мислење е дека треба да се размислува за оброк секој ден, без разлика дали е празник или викенд. Нагласува дека само со силната соработка помеѓу сите општествено засегнати страни, општините, Владата, УКЛО, сѐ до граѓанскиот и бизнис-секторот, при што ќе се слуша гласот на студентите преку студентските собранија, ќе се овозможи што поголем број студенти да останат да студираат на факултетите во родните места.
Постои отуѓеност меѓу студентите, важно е да се сплотиме
- Три години сум вклучен во студентските процеси на УКЛО и она што го забележав е дека постои голем проблем во мотивацијата на студентите, како и оддалеченост или отуѓеност помеѓу нив, не знам дали тоа е поради ковид-кризата, но знам дека мора да се сконцентрираме на повторно сплотување на студентите. Одделени сме, немоќни, незаинтересирани и пасивни, но заедно сме најголемите двигатели на промени и напредок во секое општество - нагласува лидерот на студентите на УКЛО.
Вклучен е во многу активности со цел подобрување на студентскиот живот и стандард, а соработува и со другите студентски собранија, особено преку Националното студентско тело, зашто се држи до девизата дека студентите од цела држава треба да бидат сплотени за заедничките интереси.