Порталот „Ер адвајзор“ спровел опсежно истражување кое опфатило 23 европски авиокомпании со цел да утврди кои превозници навистина нудат најдобра вредност за вложените пари.
Рангирањето се заснова на еден од клучните показатели во авиоиндустријата - приходот по расположливо седиште и километар, односно приходот што компанијата го остварува по прелетан километар и расположливо седиште. Овој показател не ја зема предвид само рекламираната цена на билетот, туку и дополнителните трошоци, како што се багажот и изборот на седиште. Колку е повисок овој показател, толку летот со таа компанија е поскап.
Истражувањето покажува дека помалите, регионални превозници се убедливо најскапи бидејќи летаат на специфични, помалку фреквентни линии и имаат повисоки оперативни трошоци. Од друга страна, споредбените податоци покажуваат дека цените кај повеќето европски превозници бележат благ пад во споредба со претходната година.
Најскапи авиопревозници во Европа
Убедливо најскапа авиокомпанија на континентот е норвешката „Видере“, со приход по расположливо седиште и километар од дури 0,32 евра, пред сè поради летовите кон оддалечени локални аеродроми.
Кога станува збор за големите национални превозници, титулата за најскап ја носи „Бритиш ервејс“ (0,0888 евра), а веднаш зад него се:
1. „Ер Франс“ - (0,0850 евра)
2. „Аустријан ерлајнс“ - (0,0850 евра)
3. „Луфтханза“ - (0,0845 евра)
4. „Ајџијан ерлајнс“ - (0,0839 евра)
Најповолни опции за патниците
На спротивниот крај на листата се наоѓа унгарскиот нискобуџетен превозник „Виз ер“, кој со само 0,0433 евра е најевтината авиокомпанија во Европа според истражувањето.
Со изборот на оваа авиокомпанија патниците можат да заштедат и до 50 евра по лет.
Најповолни превозници во Европа се:
1. „Виз ер“ - 0,0433 евра
2. „Изиџет“ - 0,0521 евра
3. „Рајанер“ - 0,0556 евра
Меѓу традиционалните национални авиокомпании, „Финаир“ (0,0622 евра) се покажал како најприфатлив избор за патниците.
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Magnific