X
 27.11.2025 Живот

Тинејџерите во Австралија поднесуваат тужба поради забраната за социјални мрежи

Двајца австралиски тинејџери поднесоа тужба пред Врховниот суд против историската одлука за забрана на социјалните мрежи за деца, тврдејќи дека законот е неуставен затоа што им го скратува основното право на слободна комуникација.

Според новиот закон, кој стапува во сила на 10 декември, на компании како „Мета“, „Тик-ток“ и „Јутјуб“ ќе им биде забрането да им дозволат профили на корисници помлади од 16 години.

Владата нема да потклекне под притисоци


По објавувањето на веста за тужбата, министерката за комуникации Аника Велс му порача на парламентот дека владата нема да потклекне под притисоци.

- Нема да нѐ заплашат закани. Нема да нѐ заплашат правни предизвици. Нема да нѐ заплашат големите технолошки компании. Во име на австралиските родители, ќе останеме цврсти - изјави таа.

Ова е како „1984“ на Орвел


15-годишните Ноа Џоунс и Мејси Нејланд, со поддршка на здружението за дигитални права „Диџитал фридом проџект“, тврдат дека законот целосно ги занемарува правата на децата.

- Не треба да бидеме замолчени. Ова е како „1984“ на Орвел, и тоа ме плаши - рече Нејланд.

Од „Диџитал фридом проџект“, кои во средата ја поднесоа тужбата до Врховниот суд, истакнуваат дека тинејџерите се потпираат на социјалните мрежи за информирање и дружење. Предупредуваат дека забраната најмногу може да им наштети на најранливите групи, а тоа се младите со попреченост, децата од рурални и оддалечени области и ЛГБТИК+ тинејџерите.

Здружението, предводено од пратеникот од Нов Јужен Велс, Џон Радик, својот правен предизвик го темели на влијанието на забраната врз политичката комуникација и на прашањето дали мерката е пропорционална со целите на законот.

„Мрзлива политика“


Наместо целосна забрана, здружението предлага други мерки за подобрување на онлајн безбедноста, како програми за дигитална писменост, задолжително воведување функции приспособени на возраста и технологии за проверка на возраст што подобро ја штитат приватноста.

Ноа Џоунс ја нарече владината политика „мрзлива“.

- Ние сме вистински дигитални домородци и сакаме да останеме образовани, силни и вешти во нашиот дигитален свет. Треба да ги штитите децата со заштитни мерки, а не со молк - изјави тој.

Иако технолошките компании се спротивставуваат на законот, анкетите покажуваат дека повеќето возрасни Австралијци го поддржуваат. Сепак, дел од експертите за ментално здравје предупредуваат дека забраната може да ги лиши децата од важни социјални врски, додека други стравуваат дека може да ги турне во уште помалку регулирани делови од интернетот. Претходно беше објавено дека и „Гугл“, сопственикот на „Јутјуб“, исто така размислува да поднесе тужба.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот