Мајстор за чоколадо од Малта, кој веќе има два Гинисови рекорди, повторно собори еден рекорд, овој пат со чоколаден воз долг 52 метри, претставен во Милано.
Возот сега е официјално најдолгата чоколадна скулптура во светот.
Креација на Ендру Фаругија беше направена со помош на малтешки и италијански кулинарски студенти.
Направен од 3.000 килограми висококвалитетно белгиско чоколадо, возот беше претставен во понеделникот во Палатата на регионот Ломбардија во Милано, во пресрет на Зимските олимписки игри што ќе се одржат во Северна Италија.
Студентите од Институтот за туризам и италијанскиот Институт за кулинарски уметности и угостителство, заедно со Фаругија, кој предава на Институтот за туризам, присуствуваа на официјалното мерење на чоколадниот воз, на кој работеа со месеци, по што му беше доделена титулата најдолга чоколадна скулптура во светот.
Сега, Фаругија има три Гинисови рекорди. Во 2012 година тој изработи чоколаден воз долг 34 метри, кој беше изложен во Брисел, а во 2014 година ја создаде највисоката чоколадна скулптура, реплика на Бурџ Халифа, висока 13,52 метри, претставена на Меѓународниот аеродром во Дубаи.
Иако возот изгледа примамливо, чоколадото не е за јадење. Дел од него ќе биде стопен за потреби на обуките, додека остатокот ќе се користи како храна за животни.
Чоколадната структура беше направена со цел собирање средства за хосписот 2малта3Hospice Malta и Здружението за палијативна нега во Бергамо.
Претходно, студентите од Институтот за туризам и студентите од Бергамо испекоа повеќе од 12.000 бисквити и чоколади, кои се продаваа за донации.
Извор:
Times of Malta
Фото: Andrew Farrugia