Кога е потребно, голем дел од работниците остануваат дополнителни часови за да си ја завршат работата. Кога тоа е исклучок наместо норма, се прави мала штета работејќи дополнителни неплатени часови. Но, во некои компании постои очекување дека сите треба да работат така.
Ова може да доведе до култура во која луѓето што си заминуваат навреме од работа се сметаат за нелојални или покажуваат дека не се посветени. Иако овој став може да не постои меѓу менаџерите, може да го имаат еден или двајца поединци кои ќе останат прекувремено само за јавно да прикажат посветеност. Сепак, потребно е да се знае дека прекувремената работа може да биде штетна за здравјето, продуктивноста и благосостојбата на луѓето.
Глобален истражувачки проект од компанијата за осигурување „Максис Џи-би-ен“ откри дека работниците во Обединетите Арапски Емирати поминуваат доста време на работа надвор од договорените часови - многу повеќе отколку на кое било друго место во светот.
Секој месец еден работник во ОАЕ има дополнителни 24 часа работа, а 71 отсто од нив чувствуваат дека нивното работно место страда од „presenteeism“, односно работење дополнителни часови како доказ за лојалност. САД и Хонгконг се најдоа на второ место, со 23,2 дополнителни часа месечно. Француските работници, и покрај нивната позната заштита на работното место и правата на вработените, не се далеку од САД и поминуваат дополнителни 22,4 часа месечно.
Без оглед на тоа во која земја се наоѓаат, испитаниците во истражувањето изјавиле дека културата е важна кога се зема предвид нова работа - 82 отсто изјавиле дека ја сметаат важна, а 58 отсто сметаат дека културата е многу важна.
Истражување спроведено минатата година од Институтот за менаџмент на персоналот од Велика Британија покажа дека 55 отсто од испитаниците пријавиле зголемување на анксиозноста, депресија и други вообичаени ментални здравствени состојби во споредба со 41 отсто во 2016 година. Депресијата, анксиозноста и лошиот живот ја чинат глобалната економија 1 билион долари секоја година во изгубена продуктивност.
Јапонија долго време се соочува со проблемот со прекувремената работа, што доведе до епидемија од недостиг на сон, а во најекстремните случаи и до смрт. Додека работењето дополнителен еден час секој ден најверојатно нема да предизвика „кароши“ (смрт од недостиг на сон), кумулативните ефекти може да бидат крајно штетни. Ефектот може да предизвика неможност кај луѓето да имаат баланс помеѓу работата и животот, како и голем број проблеми поврзани со стресот. Стресот, пак, наскоро може да метастазира во посериозни проблеми со менталното здравје, како што се депресија или анксиозност.
Компаниите со ваква култура се соочуваат со лоша продуктивност на вработените. Иако постојат очигледни придобивки од тоа луѓето да останат прекувремени часови за да ги завршат задачите, со текот на времето уморниот и незадоволен персонал ќе почне да не ги реализира своите задачи. Оние што страдаат од долгорочни болести поврзани со депресија, веројатно ќе имаат потреба да пауза. На крајот, поради нивната состојба, луѓето ќе си заминат, со што за компанијата се појавуваат нови трошоци за вработување и обука на нов персонал.
Интересно е тоа што земјите во кои има пократко работно време честопати регистрираат повисока продуктивност. Создавањето работни места што поддржуваат благосостојба би можело да предизвика значителни промени во некои организациски култури.
Минатата година „Линкдин“ анкетира 5.000 професионалци за вработување и откри еден од главните трендови во стратегиите за регрутирање - нудење флексибилно работно време. Од 2016 година „Линкдин“ забележа 78 отсто зголемување во огласите за работа што нудат флексибилно работно време.
Ова се земјите во кои работниците имаат најмногу прекувремени
часови:
1. Обединети Арапски Емирати - 24 часа прекувремена работа месечно
2. САД - 23,2 часа прекувремена работа месечно
2. Хонгконг - 23,2 часа прекувремена работа месечно
4. Франција - 22,4 часа прекувремена работа месечно
5. Индија - 21,2 час прекувремена работа месечно
5. Русија - 21,2 час прекувремена работа месечно
7. Бразил - 18 часа прекувремена работа месечно
8. Велика Британија - 17,2 часа прекувремена работа месечно
9. Мексико - 16 часа прекувремена работа месечно
10. Јужна Африка - 14,8 часа прекувремена работа месечно