X
 28.03.2022 Живот

Се печатат тестовите за државната матура, испитот на зрелоста ќе се одржи во јуни

Заради доверливост и тајност, никој нема право да влезе во печатницата, дури ни јас како директорка. Вработените што имаат матуранти никогаш не се вклучени во процесот на креирање на испитниот материјал, вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар

На 4 и на 13 јуни матурантите ќе полагаат државна матура. На 4 јуни се полага мајчин јазик, а на 13-ти англиски јазик или математика. Во училиштата веќе е во тек изработката на проектните задачи.

- Државниот матурски одбор донесе одлука годинава државна матура да се полага по истиот терк како и минатата затоа што оваа генерација матуранти се погодени од корона-кризата. Во однос на прашањата, јас не велам никогаш „полесни прашања“, туку сум за тоа да се во согласност со она што го учат, односно да нема трик-прашања, да нема нелогични прашања, туку знаење што ќе им треба на учениците во високото образование - вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар.

Прашањата ќе бидат соодветни за возраста и согласно наставните програми по кои учеле средношколците.

- Тие ќе бидат доволно издржани да обезбедат гаранција дека тие што ќе ја положат матурата, се подготвени да продолжат понатаму со образованието. Прашањата се веќе изготвени и се печатат, ги напишаа претставници на државни предметни комисии, односно универзитетски професори и средношколски професори. Заради доверливост и тајност, се печатат овде во ДИЦ. Никој нема право да влезе во печатницата, дури ни јас како директорка. Оние вработени што имаат матуранти никогаш не се вклучени во процесот на креирање на испитниот материјал - потенцира директорката.



Наумовска додава дека се одржани и обуки за предметните наставници кои реализираат проектна задача за да има подобар квалитет на проектната задача.

- Направивме една анализа и констатиравме одредени забелешки и недоследности, односно лоши изработки на проектни задачи. Матурантите правеле копи/пејст на материјали од интернет, нема личен труд. Затоа, професорите се обучени за да се изработат поквалитетно овие задачи - додава Наумовска.

Митко Димовски, директорот на гимназијата „Орце Николов“, вели дека сѐ уште е рано за подготовки за матурата, но дека наскоро е во план да започнат. Секоја година професорите работат со матурантите, а на дополнителни часови им ги објаснуваат нејаснотиите поврзани со материјалот кој ќе треба да го знаат за полагањето.

Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот