X
 29.05.2025 Наша тема

„Сѐ е подготвено за матурскиот испит: Учениците треба да седнат и да учат, се надеваме дека ќе покажат подобри резултати“, велат од ДИЦ

Државната матура ќе се спроведе на 31 мај и 11 јуни, а пријавени се 15.004 средношколци, 8.816 ученици од средните стручни училишта, 5.966 од гимназиско образование и 222 ученици од училиштата за уметничко образование.

Според податоците на ДИЦ, 9.969 ученици се пријавени за испитот по македонски јазик, 4.339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик. Првиот екстерен испит по мајчин јазик и литература е задолжителен за сите ученици.

- Државниот испитен центар во текот на целата година се подготвува за полагањето на испитите на државната матура, така што во моментов подготовките се на самиот крај. Испитниот материјал е подготвен за денот на полагањето. Во тек се обуки за набљудувачите, додека пак обуките за тестаторите се завршени. Државниот испитен центар е подготвен за реализација на испитите од државната матура. Како и изминатите години, така и оваа година ќе се полага екстерно мајчин јазик кој е задолжителен предмет и еден екстерен изборен предмет, учениците одбираат помеѓу странски јазик и математика, а средните уметнички училишта одбираат помеѓу странски јазик и естетика/филозофија. Интерно полагаат уште два изборни предмети и проектна задача - изјави за Факултети.мк, Даниела Јовчевска-Михајловска, директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ). 



Матурантите ќе ја полагаат државната матура во своите училишта ако ги исполнуваат потребни стандарди. Другите ќе полагаат на факултетите.

- Што се однесува до просторните услови, простор е обезбеден за сите училишта. Во зависност од тоа дали училиштето има простор за организирање на матурата согласно Правилникот или не. Оние училишта што побараа од Државниот испитен центар да им помогне околу обезбедување простор, го обезбедивме во соработка со универзитетите, оваа година ќе се полага и на факултетите - дополни директорката на ДИЦ.

Минатата 2023/2024 година средната оценка од државната матура беше 3,25, во 2023 беше 3,65, во 2022 просечната оценка од испитите по сите предмети беше 3,78 и 3,61 во 2021.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска во претходни интервјуа рече дека оценките на учениците не се еквивалент на нивното знаење. Ланската заострена контрола на матурата покажала пониски средни оценки. Годинава од ДИЦ се надеваат на подобри резултати.

- Искрено се надевам дека оваа година учениците ќе покажат подобри резултати за разлика од минатата, но тоа не зависи од Државниот испитен центар, учениците треба да седнат и да учат, испитниот материјал е во согласност со наставната програма, повеќе информации може да најдат на интернет-страницата www.matura.gov.mk. Апелирам учениците да работат самостојно, да го покажат сопственото знаење и само така ќе можеме да се пофалиме со добри и објективни резултати, да се почитуваат правилата за полагање испити од државна матура, да не се доведат во ситуација да им биде прекинат или поништен испитот, а исто така, апелирам и до тестаторите и набљудувачите да се почитуваат правилата, да немаме непријатни ситуации како минатите години - потенцира Јовчевска-Михајловска. 



Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни. Како и во минатите години, и на оваа државна матура најголем број избрале да полагаат англиски јазик (13.457).

За тестот по математика се пријавиле 1.246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 - француски јазик, 62 - естетика. За тестот по филозофија има седум кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик. За надгледување на испитниот процес, ДИЦ ќе ангажира околу 2.000 тестатори.

Оваа година останува стариот модел за полагање на матурата, а од следната година ќе има нов модел на матура кој треба да биде олеснување за учениците од стручните училишта кои досега за матура требаше да подготват материјал кој не го изучувале во текот на средното образование.

- Со измените во Законот за средно образование, од следната учебна година ќе имаме државна матура, државна стручна матура, државна уметничка матура. Со цел успешна реализација, се прават подготовки за изработка на нова Концепција за испитите на крајот на средното образование, нови испитни програми за средно стручно, нов правилник - истакна директорката на ДИЦ.

Државната матура во нашиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Единствен пат не беше организирана на крајот од учебната 2019/2020 година поради ковид-пандемијата.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема