X
 28.06.2020 Живот

Вештини што работниците ќе треба да ги усвојат наскоро. Ова се професиите на иднината

Пандемијата остави многу луѓе без работа и затвори многу бизниси. Голем дел од невработените се надеваат дека ќе се вратат на работното место што го имале пред пандемијата, но многу може да бидат принудени да најдат нови можности. За некои, ова значи дека ќе треба да се одлучат за нова кариера и да научат сосема нови вештини.

Еве што велат експертите за тоа какви вештини ќе бидат потребни за новите професии на иднината.

Наука за податоци


Вештина што експертите најчесто ја споменуваат е анализа, интерпретација и користење податоци.

Џејк Шварц, генерален директор на компанијата „Џенерал Асембли“, образовна компанија што нуди часови за кодирање, дизајн, наука за податоци и бизнис, вели дека вештината број еден е работење на податоци, податоци и податоци.

- Кога ќе заврши пандемијата, нема сомнеж дека цел свет ќе биде воден од податоци - вели тој напоменувајќи дека широк спектар на компании и бизниси се принудени да го преиспитаат начинот на кој продаваат производи и услуги за да се придржуваат кон физичката дистанца, па сега уште повеќе користат податоци за да донесат бизнис-одлуки.

- Гледаме дека повеќе потрошувачи преку интернет примаат содржини, се вклучуваат во искуство или купуваат нешто. Како резултат на тоа, постои зголемена побарувачка од работодавците за вештини поврзани со разбирање на моделите и однесувањето на потрошувачите во еден виртуелен свет - објаснува Адам Енбар, извршен директор на училиштето „Флатирон“, кое се фокусира на предавање технички вештини како софтверско инженерство, компјутерско програмирање, наука за податоци и аналитика за компјутерска безбедност.

Еден од јазиците за наука за податоци што најмногу се бара е SQL (Structured Query Language), кој им овозможува на корисниците да управуваат со бази на податоци.

2
Фото: Pixabay

Комуникации


Многу експерти потенцираат дека постпандемските професии ќе бараат и тврди технички вештини, но и меки.

На пример, Алиса Мервин, потпретседател на „Линкдин сејлс солушн“, вели дека колку повеќе експертите за продажба работат онлајн без директен контакт лице в лице, толку повеќе ќе им биде потребно да ги зајакнуваат вештините за слушање и емпатија.

- Активното слушање, решавањето проблеми, критичкото размислување и градењето врски се врвни вештини и атрибути потребни за професионалците што се занимаваат со продажба - вели Мервин.

Вивек Рависанкар, извршна директорка на „Хакер Ранк“, технолошка платформа за регрутирање, се согласува дека меките вештини ќе станат поважни во годините што доаѓаат.

- Со помалку човечка интеракција во физичкиот свет, способноста за јасна комуникација едни со други на поконкретен, погрижлив начин ќе биде доста барана. Поголемиот дел од нашата комуникација ќе биде преку видеоконференција, телефон или пишана комуникација, така што луѓето треба да почнат да ги усовршуваат своите вештини во овие области за да бидат ефикасни работници. Емоционалната и социјалната интелигенција ќе бидат високо ценети затоа што сите ќе треба да научиме да бидеме емпатични и да ги разбереме техничките тешкотии кога ќе комуницираме со други. Овие видови меки вештини ќе одат заедно со тврдите вештини, и нема да бидат нивна замена - вели таа.

Креативност

Сесил Алпер-Лерукс, потпретседателка за производи и иновации за „Ултимет софтвер“, компанија што развива софтвер за управување со човечки капитал базиран на облак, вели дека приспособливоста и креативноста, кои често се сметаат за меки вештини, ќе бидат доста важни.

- Додека вештините како агилност и креативност отсекогаш биле ценети на работното место, во иднина тие ќе бидат поважни од кога било. Приспособувањето на промените, како што е работење од дома, присуство на виртуелни состаноци и балансирање меѓу работата и семејството, се неопходни за одржување на продуктивноста во ова време. Уште од почетокот, кога почна да се работи од дома, голем дел од нас презедоа нови одговорности и заедно се префрлија во нова улога. Агилноста ни помага да се приспособиме на овие промени, додека креативноста ќе ни помогне да ги искористиме постојните вештини на нови начини, подготвувајќи се себеси и нашите тимови за успех - вели таа.

Што се однесува до побарувачката за меки вештини, Лерукс вели дека линијата помеѓу она што се смета за меки и тврди вештини ќе биде замаглена.

- Разговорите околу меките вештини обично посочуваат дека тие се атрибути што им овозможуваат на луѓето да комуницираат ефективно и хармонично со другите. Овие описи на меките вештини секогаш се насочени кон нашата способност да се ставиме на местото на нашите соработници. Ако емпатичното однесување е клучно за меките вештини, тоа значи дека тие воопшто не се меки. Лидерите ќе ја ценат емпатијата како основна вештина што ќе биде од клучно значење за успехот и ќе вработуваат кандидати кои ќе можат да ја покажат својата способност да водат тимови и да решаваат проблеми - додава таа.

Вештачка интелигенција


Многу експерти сметаат дека епидемијата на коронавирусот ќе биде причина за забрзана потреба за работници кои специјализирале за автоматизирана вештачка интелигенција и машинско учење.

- Коронавирусот предизвика забрзување на некои трендови на работа, како што е автоматизацијата - вели Карен Фичук, извршна директорка на агенцијата за вработување „Рондстанд“ во Северна Америка.

Тара Чакловски, извршна директорка на непрофитната организација „Техновејшн“ што се фокусира на едуцирање на девојчињата за претприемништво и технолошки вештини, објаснува дека станувањето експерт за вештачка интелигенција значи и стекнување поширок поглед за техничките и аналитичките вештини.

Сајбер-безбедност


Џими Едереџ, генерален директор на компанијата „Асенчр оф Норт Америка“, вели дека со оглед на тоа дека голем број луѓе работат од дома, и многу компании го преместуваат својот бизнис онлајн, сајбер-безбедноста е уште едно поле што ќе биде барано во наредните месеци и години.

- Нема сомнение дека ќе продолжиме да гледаме напади сега кога сè повеќе луѓе работат од дома и веќе дојде до голем број јавни напади на апликацијата „Зум“ - вели тој споменувајќи го бранот на напади на оваа апликација во кои хакерите неповикани се придружуваат на повиците и прикажуваа непримерни содржини.

А со оглед на тоа дека сè повеќе луѓе работат на далечина, ќе биде потребен и голем број вработени кои ќе треба да ја штитат дигиталната соработка од ваквите напади.

Според истражувањата од 2019 година, речиси 2,8 милиона луѓе во светот веќе ја работеле оваа работа, но би биле потребни дополнителни 4 милиони обучени работници за да обезбедат сигурност на интернет.

Извор: CNBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот