X
 28.08.2020 Политика

Дали жените треба да го водат светот?

Сте го слушнале коментарот и порано: „Жените треба да го водат светот“. Луѓето се прашуваат дали традиционалниот модел за мажи како лидери не функционира. Дали е време да размислуваме „надвор од кутијата“?

Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, има изјавено дека жените би можеле да решат многу од светските проблеми, од кои голем дел биле предизвикани од мажи. Пристапот на Обама бил трпеливо да се почека оваа промена.

Кетлин Паркер во колумна за „Вашингтон пост“ вели дека војната е првенствено машка особина, а бидејќи се чини дека никогаш не може да се ослободиме од војните во светот, можеби жените навистина треба да го водат светот. Веќе знаеме како изгледа светот во кој доминираат мажите со повеќе машки извршни директори, менаџери и лидери на држави. Како би изгледал светот во кој би доминирале жените?


Фото: Freepik

Истражување спроведено од страна на консултантската агенција „Мекинзи“ открива дека фирмите што имаат повеќе жени како главни менаџери имаат подобри финансиски резултати за до 15% над просекот во нивната индустрија. Дали истото се случува на ниво на водење држава?

Сузан Перкинс, професор на Универзитетот во Илиноис, и Кетлин Филипс, професор на Универзитетот „Колумбија“, истражувале за да го одговорат прашањето дали жените се подобри во водењето држави од мажите. Тие анализирале податоци од 188 од 193 земји кои се признаени од Обединетите нации. Анализирале лидери во периодот од 1950 до 2004 за да видат дали има различни економски исходи за време на водењето на државите од мажи и од жени.

Досега 136 жени воделе држави (во улога на претседател или премиер). Истражувачите забележале дека жените имаат поинклузивен пристап во водењето. На пример, кога претседателката Елен Џонсон Сирлиф ја водела Либерија, во која има многу етнички групи, нејзината визија била да ги искористи добрите страни на различностите меѓу жителите.


Фото: Џакинда Ардерн, премиерка на Нов Зеланд/Wikipedia

Таа се трудела да создаде „инклузивна и толерантна влада“ која се фокусира на помирување и се грижела секоја етничка група да биде пропорционално вклучена во сите дискусии. Ова е предизвик бидејќи во Либерија има над 12 големи етнички групи и ниту една не е мнозинство. Таа се фокусирала и да има родова еднаквост во нејзината влада и двојно го зголемила бројот на женски министри во првата година од нејзиниот мандат.

Двете истражувачки заклучиле од анализата дека кога лошите аспекти од различностите, како пристрасностите, дискриминацијата и расните или етнички конфликти, остануваат нерешени, тоа негативно влијае врз економскиот раст и мирот во земјата. Соодветно на тоа, доколку повеќе жени беа на високи позиции во светот, веројатно би имало помалку конфликти, нееднаквост и војни.

Автор: Одри Нелсон
Извор: psychologytoday.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика