X
 28.08.2025 Живот

Бизарна навика на генерацијата З што ги полудува работодавците

Генерација З, популарно познати како „зумери“, повторно успеа да ја збуни постарата генерација. По забелешките за лошите манири на маса и непоздравувањето на муштериите, на сцена настапува нова навика.

Во нов тренд, кој на постарите им изгледа сосема нелогичен, младите како да ја префрлаат одговорноста за започнување на разговорот на оној што се јавува, играјќи некаков вид „телефонска игра на кукавица“. Наместо поздрав, често на другиот крај преовладува тишина.

„Сè што слушам е дишење“


Вработена во човечки ресурси неодамна предупреди на оваа необична појава на „Твитер“.

- Една работа што ја забележав кај генерацијата З е дека многумина од нив се јавуваат на телефон и ништо не зборуваат. Ги слушам нивното дишење и бучавата во заднина, но тие чекаат јас прва да кажам здраво - објаснува таа. Иронично, не станувало збор за ненадеен повик, туку за однапред договорено интервју во термин што самиот кандидат го избрал.

Истражување ја потврдува приказната

Дека ова не е само анегдота, потврди истражувањето на „Југов“ спроведено минатата година, кое покажа дека секој четврти Британец на возраст од 18 до 24 години смета дека е во ред да се јави на повик без да зборува. Постарите генерации ја сметаат оваа навика за исклучително непристојна. На пример, само 27 отсто од луѓето на возраст од 25 до 34 години го сметаат таквото однесување за прифатливо, а процентот паѓа на само 14 кај постарите од 45 години.

- Сите ние се јавуваме на телефон. Тоа е како отворање врата. Не само што се смета за учтиво, туку во случајот со телефон сигнализира дека сте присутни и дека сте се јавиле - вели еден редит-корисник.

Лошото однесување преку телефон стана една од причините зошто генерацијата З има проблем во канцелариите, пишува Пилита Кларк во напис за „Фајненшл тајмс“. Ситуацијата стана толку сериозна што Мери Џејн Копс, основач на канадската консултантска куќа „Телефон Лејди“, им наплатува и до 3.100 долари на компании за обука на млади вработени кои не се „телефонски писмени“.

Зошто постои телефонската тишина?


Експертите нудат неколку објаснувања. За разлика од претходните генерации, „зумерите“ не пораснале со фиксни телефони и затоа никогаш не го усвоиле класичниот телефонски бонтон што нивните родители им го пренеле на милениумците и генерацијата Х. Тие често ги гледаат повиците како непријатност во свет каде што доминираат текстуалните пораки.

Една од главните причини за молчењето е претпазливоста.

- Причината за тивкото чекање е тоа што денес има многу измами со роботски повици кои чекаат да слушнат дали има глас - призна еден редит-корисник.

Во ерата на сè пософистицирани измами, каде што вештачката интелигенција може да клонира глас, младите претпочитаат првиот збор да го каже оној што повикува за да бидат сигурни дека не станува збор за измама или снимена порака. Парадоксално, уште една причина е тоа што некои припадници на генерацијата З сметаат дека е непристојно некој да ги повика без најава. Копс се сети на еден млад човек на нејзина работилница кој рекол: - Знаеш, Мери Џејн, ако некој ме побара ненајавено, тоа ми кажува дека повеќе го цени своето време отколку моето и нема да разговарам со него.

Извор: bizlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот