X
 28.10.2021 Живот

Поради одбивањето на луѓето да се вакцинираат, Русија е во вистински кошмар

Во близина на затемнетиот влез во главната болница во градот Вологда во Северозападна Русија екипата на брза помош носи уште еден пациент заразен со коронавирусот, постар човек кој тешко дише и едвај е жив.

Пандемијата, која почна во март 2020 година, особено ја погоди Русија и сега се соочува со четврти бран.

Повеќе од 1.000 луѓе умираат секој ден низ целата земја, а има над 220.000 смртни случаи досега.

Ова се рекордни бројки за Русија, што ја прави најтешко погодена во Европа.

Во меѓувреме, во Русија е откриен нов вид на делта-сојот, наречен делта плус.

Бројот на нови инфекции и смртни случаи ги вознемири властите толку многу, што сите работни места ќе бидат затворени една недела од почетокот на ноември, а Москва од следниот четврток ќе влезе во строг карантински режим - ќе работат само најосновните продавници.

Планот е карантинот да трае до средината на ноември.

rusija
Фото: ВВС

Едно од клучните објаснувања за овој рекорден број на нови инфекции и смртни случаи е тоа што многу Руси не им веруваат на „Спутник V“ и на другите вакцини произведени од Русија. Како резултат на тоа, кампањите за вакцинација имаат мало влијание врз населението.

Постои вистинска загриженост кај лекарите и медицинскиот персонал во болницата во Вологда, како и насекаде во земјата, поради нискиот процент на вакцинирани. Во Вологда се вакцинирани само 26 отсто од населението, што е едно од најниските нивоа во државата.
 
Ваквата ситуација неодамна го натера гувернерот на Вологда, Олег Кувшиников, да објави пораки на социјалните мрежи во кои бара луѓето да се вакцинираат. Притоа, тој остро ги критикуваше противниците на вакцините кои на социјалните мрежи шират пораки против вакцинацијата.

- Ги повикувам сите антиваксери кои на социјалните мрежи шират лаги против вакцинацијата да погледнат во очите на оние што ги изгубија своите најблиски. Нашата вакцина е апсолутно безбедна - напиша тој.

Лекарите во Вологда се шокирани и од размерите на антиваксерите во регионот, истакнувајќи дека оние што се против вакцинацијата ги загрозуваат постарите и ранливите членови на семејството и роднините.

Русинката Елена опишува зошто е скептична во врска со вакцините. Таа вели дека постојат многу контрадикторни информации од многу извори.

- Луѓето се исплашени од непознатото. Не разбираме каква вакцина е оваа. Да ги имавме сите информации, сите статистички податоци и резултатите од истражувањето, мислам дека луѓето ќе беа многу посмирени и порешителни (да се вакцинираат), но ништо од тоа не дознавме - вели таа.

Извор: ВВС
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот