X
 28.10.2025 Живот

Крај на „експертите“ без диплома: Кина воведува построги правила за инфлуенсерите

Доста ви е од инфлуенсерите на социјалните медиуми кои до вчера објавувале упатства за шминка, денес се експерти за надворешна политика, а потоа ви даваат медицински совети? Кинеските власти усвоија нови правила кои се однесуваат на инфлуенсерите и креаторите на содржини на дигиталните платформи. Целта е зголемување на одговорноста и експертизата во јавниот простор, првенствено на социјалните медиуми.

Прво диплома, потоа „влијание“

Според новите правила, луѓето што зборуваат за професионални теми на социјалните медиуми ќе мора да имаат соодветни квалификации. Оваа мерка, како што се очекуваше, директно ги засега инфлуенсерите кои се занимаваат со области како што се медицината, правото или финансиите, за кои претходно не морале да докажат формално образование - според новите правила, тие ќе мора да имаат диплома, доказ за формално образование или потврдено професионално искуство пред да почнат да споделуваат совети за чувствителни теми.

Правилата, исто така, предвидуваат казни за оние што ќе создаваат и објавуваат содржина на професионални теми без диплома или соодветен сертификат. Одговорните интернет-платформи ќе бидат задолжени за проверка на експертизата, а креаторите кои не ги почитуваат правилата ќе се соочат со привремено или трајно суспендирање на корисничките профили и можни казни до 100.000 јуани (12.000 евра).


Против непрофесионалните совети

Властите велат дека основната цел на регулативата е да се спречи ширењето дезинформации и непрофесионални совети, но се очекува и дека ќе има критики поради „затегнувањето“ на правилата. Аналитичарите велат дека потегот може да се протолкува и како желба за контрола на она што се објавува јавно, односно за задушување на независната мисла во областите каде што алтернативните ставови можат да се прочитаат речиси исклучиво на социјалните мрежи.

Воведувањето на овие правила е дел од поширок тренд на зајакнување на регулацијата на интернет-просторот во Кина. Властите веќе некое време работат на ограничување на штетните објави и зајакнување на личната одговорност за содржината споделена на мрежите. Покрај тоа, претходно оваа година беа воведени правила кои бараат задолжително етикетирање на содржината генерирана од вештачка интелигенција.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот