Од 10 до 22 ноември 2025 година се одржа светскиот годишен самит за климатски промени наречен СОР30 (Conference of Parties), 30. по ред. Местото на одржување беше градот Белем, кој се наоѓа на устието на реката Амазон. Во времето на почетокот на собирот напишав колумна со наслов „
Годишниот самит за климатски промени (СОР30) без оптимизам“. Сега можам да кажам дека насловот (она „без оптимизам“) целосно сум го погодил.
Секоја земја на самитот испраќа свои претставници, обучени преговарачи, кои ги застапуваат ставовите, односно интересите на сопствената земја. На претходните самити присуствуваа и високи политички претставници (претседатели на држави и влади), но овој пат нивниот број беше многу мал и претежно од помали земји. Но забележено беше дека САД не испратија официјална делегација, ниту еден претставник од сегашната влада. Тоа е резултат на ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп, дека климатските промени се голема измама, а тоа беше и причина за повлекување на САД од Парискиот договор за климатски промени.
На собирот присуствуваа и претставници на голем број меѓународни и национални организации, на граѓански здруженија, претставници на корпорации и се разбира лобисти со одредени интереси.
Со цел да се даде поголемо значење, претседателот на Бразил одржа говор со апел да се зголеми борбата против климатските промени. Но крајот на самитот немаше поволен резултат и покрај овој настап.
Многу набљудувачи на СОР30 го оценуваат како неуспешен настан, како „театар на одложување“ со бесконечни дискусии и создавање уште повеќе административни должности, а со цел избегнување на главната цел: премин од фосилни горива кон обновливи извори на енергија. Над 85 земји експлицитно застанале зад барањето за постепено укинување на употребата на фосилни горива (јаглен, нафта и природен гас). На ова се спротивставиле земјите производители и извозници на нафта и гас. Најгласна во противењето била Саудиска Арабија, која не се согласувала ниту да се споменат фосилните горива во завршниот документ. Не случајно оваа држава и САД се многу блиски пријателски земји. Зачудува односот на Европската Унија (ЕУ). Иако пред крајот на собирот беше во групата земји кои бараа во завршниот документ да се стави постепено укинување на фосилните горива, во последен момент се повлекоа од тој став со цел да се постигне некаков консензус.
Иако местото на одржување на самитот, градот Белем, се наоѓа во прашумата на реката Амазон, одбрано како симбол за важноста на Амазонската Прашума, која апсорбира огромно количество јаглерод диоксид (СО2), во завршниот документ не се ставени конкретни мерки за спречување на сечењето на шумите. Ова е големо изненадување.
Богатите земји треба да даваат финансиска помош за совладување на климатските промени, особено за адаптација на сиромашните земји, не само затоа што се побогати, туку тие се тие што најмногу придонеле за глобалното затоплување и уште го прават тоа. Во завршниот документ на самитот постигнат е договор за зголемување на финансиската помош на сиромашните земји за приспособување на климатските промени. Тоа е релативно „ситна работа“ бидејќи за најважната цел за транзиција од фосилните горива кон технологии со обновливи извори не е направен никаков напредок.
Факт е дека со СОР30 се покажува дека има продолжување на активностите во борба против климатските промени, но факт е и дека не се постигнуваат потребните цели за да се исполнат плановите од Парискиот договор, а тоа е максимална граница од 1,5 Целзиусов степен покачување на температурата во атмосферата, односно нула емисии на стакленички гасови до 2050 година.
За време на завршната пленарна сесија, претставник од Колумбија изјави дека нивната земја одбива да прифати делови од завршниот договор бидејќи се негира научното сознание за опасноста од климатскиот режим и за животот на луѓето. Во сличен тон претседателот на Колумбија ја даде следнава изјава што ја цитираат многу медиуми: „Не го прифаќам тоа во декларацијата на COP30. Не е јасно наведено како што вели науката, дека причина за климатската криза се фосилните горива што ги користи капиталот“. Тој истакна дека животот на планетата е можен само „ако се одвоиме од нафтата, јагленот и природниот гас како извор на енергија“.
На крајот на собирот беше даден предлог за организирање посебна конференција на 28-29 април 2026 година во Колумбија, а коорганизатор ќе биде Холандија, со тема глобално отстранување на фосилните горива на фер и праведен начин.
На крајот да заклучам дека државите производители на нафта и гас го блокираа напредокот во постепеното укинување на фосилните горива, и затоа СОР30 заврши со речиси „празен договор“.
Кога се случува некој настан со спротивставени учесници (во дискусија, на натпревар и сл.) велиме „атмосферата се вжештува“. Во областа на климатските промени АТМОСФЕРАТА НАВИСТИНА СЕ ВЖЕШТУВА со вистинско значење.
Како и порано кога пишувам на тема климатски промени, написот го завршувам со реченицата: Сè додека пазарната економија, односно профитот има приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје
Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)