X
 28.12.2020 Колумни

Нашиот одраз во годината зад нас - зошто не го гледавме лицето на пожртвуваноста, настојувањата, искреноста, исправноста, на желбите за промени, можностите и новите почетоци?

Тешко беше. Многу страв и неизвесност. Многу грешни чекори. Уште се тука. Од нас зависи колку таа тешкотија ќе остане на нашите плеќи. Многу голема потреба да се направи исчекор кој ќе значи промена.
Среќна Нова на сите! Нека биде тоа ново време. Наше. Време во кое ќе бидеме здрави, спокојни, умни. Време во кое Човекот ќе се врати дома и тука ќе остане

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Оваа мачна година, можеби една од најмачните на кои се сеќавам во животов, најпосле е на прагот да си замине. Со нетрпение чекам да ѝ го видам грбот и во Новата да внесам нов здив, надеж, верба, сила, оптимизам, желба, спокој, среќа – сето она што Старава безмилосно ни го одзеде и нè остави разоружани од човештина и јасен визир, но вооружени со арсенал кој непогрешливо погоди во метата и покажа многу нешта. Меѓу другото, и како умееме да се манифестираме како луѓе, пред сè, а потоа и во улога на родители, на наставници. Секако, ги извади на површина сите, се чинеше, непоимливи модалитети на однесување кои до ниво на деформација го дефинираа нашиот човечки и професионален капацитет и му дадоа форма на искривен лик, озабен, лут, некултурен и тажно немоќен да се промени на подобро.

Каква беше годината зад нас?

Многу пишував за короната и за она што таа ни го донесе, ни го обликува и ни го сервира како долготрајни оброци кои нè оставија гладни – по сите основи. Во ужасниот амбиент на корона-сценариото, во еден досега невиден атак на сè уште докрај несфатениот механизам на заболување, заборавивме едно многу важно нешто: ние бевме актерите и како ќе тече дејствието, зависеше од нас. Не само од сценаристот, кој како што видовме (и сè уште гледаме, за жал) има силен капацитет за испишување  ужаси. Не само од режисерот, кој како што видовме (и сè уште гледаме, за жал) и покрај сите чесни заложби, не успева да создаде филм кој успокојува. Од нас, како актери во мачнава сага, сепак најмногу зависеше (и сè уште зависи, за жал).
Можевме ли подобро да одиграме? Зошто не? Моравме сè и да не можевме (ако тоа што сме, не ни дозволуваше). Тоа ќе нè правеше луѓе, затоа. Конечно, ако тапиот агол во нашиот поглед на нештата не ни дозволуваше хоризонт од кој ќе го видиме крајот и поради кој имаме миопија и во душите, човечки ќе беше да се иставиме од филмот и да го гледаме молкум, наместо како гласни статисти, од ковот на оние што не можат да дојдат до главните ролји, да испишуваме нови страници со теории на заговор, со пизма, со клетви, со подгревање недоверба во оние кои за нас се борат и со невидено ситење на сите несреќи и болки човечки што ни се случија.

Многу пишував за овој феномен на трансформација на човечкото однесување во мачните времиња. Научивме сите, за жал, како во темното наеднаш се појавува способноста за поттикнување на темницата од страна на оние луѓе кои во основа се такви – стануваат уште полоши. Еднакво како што научивме дека луѓето кои сами по себе носат топлина, греат уште повеќе кога е тешко – стануваат уште подобри. Секако, загрижува фактот дека првиве успеваа да се наметнат и да креираат амбиент во кој вториве како да не се гледаа, па се отвора прашањето зошто е тоа така и како тоа и во овој филм доброто толку многу се мачи за да се појави. Живот, кутриот. Да не беше така, немаше да се бориме, конечно. Токму заради оние малкуте добри, на кои им значиме. Токму заради оние многуте наши, со кои сакаме да креираме и да одживееме што подолго, заедничко време.

Многу пишував и за моето образование. Атакувано и тоа во корона-јуришот, погодено во колено, во око, во гради. Не се дава. Станува сепак и се обидува да се избори со сите сили – некогаш ќе успее, некогаш не. Но тука е. Има и низа други големи проблеми, затоа што короната и кај него покажа колку е заслабнато и колку многу му треба лекување – сериозно и посветено. Заболено и тоа, кутрото, лекувано и неизлекувано поради низата погрешно поставени дијагнози низ децениите, погрешните иљачи, погрешните зафати кои ампутирале и здраво ткиво - поради лошо проценета амбиција да се пресади орган од давател кој се покажал како несоодветен и кој, за жал, сè уште го има во воспитно-образовниот организам. Оној што едвај стои на нозе. Дотолку многу е присутен, што дури и обидите кои се стремат кон негово отстранување, за да се добие автентичен, поинаков, поздрав организам кој ќе обезбеди непречено и суштинско движење, и негово, и на сите оние што од него зависат, наидоа на отпор и на повторно познатите, се чинеше, непоимливи модалитети на однесување кои до ниво на деформација го изградија кревкото образовно ткиво и му дадоа форма на озабен, лут, непрофесионален, некултурен и тажно немоќен лик, неподготвен да ја сфати потребата од подобрување. Неподготвен самиот да се промени на подобро - инаку би сфатил дека тоа е суштината на секоја промена.

Може оваа сага за профилот и анфасот на годината зад нас уште многу да испише. Има многу нешта кои ја означија и ја дефинираа како тајминг, кој сите сакаме да заврши и да ни овозможи да здивнеме. На неколкуте дена до нејзиното заминување, ќе кажам само уште нешто:
Тешко беше. Многу страв и неизвесност. Многу грешни чекори. Уште се тука. Од нас зависи колку таа тешкотија ќе остане на нашите плеќи. Многу голема потреба да се направи исчекор кој ќе значи промена.

Затоа:

*Пред сè, да се обидеме да се преобразиме во подобри луѓе. Да си дозволиме себеси доблест, поради која ќе ја сфатиме маката во која сè уште се наоѓаме. Да се свестиме дека болничките ѕидови слушнале и сè уште слушаат повеќе молитви од црковните. Да го испочитуваме напорот на борците кои не ги гледаме, затоа што тие нè гледаат нас. Да ги оставиме зад нас и да ги испратиме заедно со Старата сета недоверба, сета дрскост, сета пакост, сите несфаќања, сите нечовечија. Да влеземе во Новата со подготвеност да посакаме секому здравје, оти и нам ќе ни се врати само она што го даваме. Да погледнеме околу себе и да се видиме себеси во другите. Да се потсетиме и дека се гледа кои сме според тоа како се однесуваме кон луѓето кои за нас не можат да сторат ништо.

*Да сфатиме дека она што е фундаментот вграден во секој од нас е она што сме го изнеле од клупите. Дека има сè помалку простор за грешки во вградувањето во нашите деца. Дека не смееме веќе да губиме од вид дека нема време за прашањата: Сега ли мора? Сега ли најдовте? Единствени прашања треба да бидат: Кога, ако не сега? Зошто не сега? Затоа што ние сме она што ќе го направиме денес, а не она што велиме дека ќе го правиме утре. Затоа што најтешката работа која мораме да ја направиме секогаш е и најисправната. Затоа што мораме да се потсетиме дека ако како учители мислиме како сите, тоа значи дека не мислиме. Дека на тоа треба да ги научиме и децата – да мислат. Дека за да имаме нешто што никогаш не сме го имале, мора да сториме нешто што никогаш не сме го сториле. Дека нашите деца заслужуваат да им ја понудиме можноста да пловат, независно од фактот дека секој брод е сигурен во пристаништето. Да, но не е изграден од таа причина и на тоа мора да ги научиме. Дека промените ќе ги сфатиме само ако промената тргне од нас. Дека не можеме да посакуваме и да бараме промени сè додека не стане извесно дека ќе се случат, а потоа да се бориме против нив. Затоа што тоа кажува само едно: се плашиме од нив. Зошто – е прашањето што самите треба да си го одговориме.

Среќна Нова на сите! Нека биде тоа ново време. Наше. Време во кое ќе бидеме здрави, спокојни, умни. Време во кое Човекот ќе се врати дома и тука ќе остане.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни