X
 29.01.2019 Живот

Сѐ помалку луѓе знаат за холокаустот

Еден од 20 возрасни Британци не верува дека холокаустот воопшто се случил, а 8 отсто од нив велат дека размерите на геноцидот се претерани. Ова се резултатите од анкетата нарачана од организацијата „Холокауст меморијал деј траст“, основана и финансирана од владата на Велика Британија, со цел да се промовира и поддржи Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот.

Речиси половина од испитаниците изјавиле дека не знаат колку Евреи биле убиени во холокаустот, а еден од пет кажал многу понизок број, велејќи дека се убиени помалку од 2 милиона. Вистината е дека во Втората светска војна биле убиени најмалку 6 милиони Евреи.

Резултатите од оваа анкета се поклопуваат со истражувањето спроведено во седум европски земји во ноември минатата година. Во ова истражување било откриено дека една од три личности знае малку или не знае ништо за холокаустот, а во просек 5 отсто од луѓето во секоја земја изјавиле дека никогаш не слушнале за холокаустот. Во Франција, 20 отсто од испитаниците помеѓу 18 и 34 години изјавиле дека никогаш не слушнале за холокаустот; во Австрија бројката беше 12 отсто. Истражување во САД минатата година откри дека 9 отсто од милениумците изјавиле дека не слушнале или дека мислат дека не слушнале за холокаустот.

Нивото на незнаење за холокаустот ги шокира експертите. Иако се смета дека не станува збор за луѓе што намерно го негираат холокаустот, нивното незнаење значи дека се подложни на митови и превртување на фактите, вели Оливија Маркс-Волдман од организацијата „Холокауст меморијал деј траст“.

За холокаустот се учи во училиштата на часовите по историја, но и од малобројните преживеани жртви.

- Сметам дека овие цифри се страшно загрижувачки. Од мое искуство, луѓето немаат доволно знаење за тоа што се случило во текот на холокаустот, па поради тоа сум посветен да го споделувам моето искуство. Единствениот начин да се избориме против одрекувањето на холокаустот и антисемитизмот е вистината - јас им кажувам на луѓето што се случи, што видов и што доживеав. Ако го игнорираме минатото, се плашам дека ќе се повтори историјата - вели Стивен Френк, кој бил еден од 93. деца што го преживеале „пробниот“ логор „Терезеинштад“.

Истражувањето покажа дека 83 отсто од испитаните изјавиле дека е важно да се знае за холокаустот, а 76 отсто веруваат дека се потребни повеќе средства и начини за да се едуцираат луѓето.
Подготвил: Тамара Гроздановски
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот