X
 10.09.2018 Живот

„Не постои херојска генерација, ниту има херојска нација“ - Преживеан од холокаустот зборува за лекциите што не ги научивме

Имам 93 години и додека екстремизмот се шири низ Европа, се плашам дека сме осудени да ги повториме грешките што го создадоа холокаустот, пишува Станислав Аронсон во авторски текст за „Гардијан“, во кој сака да ги потенцира грешките што генерациите сѐ уште не ги научиле.

Германската канцеларка Ангела Меркел летово изјави дека кога генерацијата што преживеала војна повеќе не е со нас, ќе дознаеме дали нешто сме научиле од историјата. Како полски Евреин роден во 1925 година, го преживеав варшавското гето, го изгубив целото семејство во холокаустот, служев во специјалната оперативна единица на полското подземје, се борев во варшавското востание во 1944 година, знаев што значи да се биде на остриот крај на европската историја - и се плашам дека борбата да ги научиме вистинските лекции од тој период е во опасност да биде изгубена.

Сега имам 93 години и живеам во Тел Авив, и набљудував оддалеку како последните години патриотите од фотелјите во мојата родна Полска се обидуваа да ги искористат и да манипулираат со сеќавањата и искуствата на моите генерации. Можеби мислат дека промовираат „национално достоинство“ или „гордост“ кај денешните млади, но во реалноста тие ги подигнат идните генерации во мрак, игнорирајќи ја комплексноста на војната, осудувајќи ги да ги повторат грешките што ги плативме толку скапо.

холокауст

Но, тоа не е само полски феномен: тоа се случува во многу делови на Европа и нашите искуства се лекција за цел континент. Со оглед на она што го научив од мојот живот, прво би ги повикал идните генерации Европејци да ја запомнат мојата генерација онаква каква што навистина беше. Имавме исто така пороци и слабости како и денешните млади луѓе: повеќето од нас не беа ниту херои ниту монструми.

Секако, многу луѓе направија извонредни работи, но во повеќето случаи само затоа што биле присилени на тоа во екстремни услови, па дури и тогаш вистински херои имало малку и ретко се појавувале: не се сметам себеси меѓу нив.

Истото важи и за оние што потфрлиле во своите морални обврски во текот на тој период. Секако, има многу од оние извршени неизречливи, незаборавни злосторства. Но, сепак е важно да се сфати дека сме генерација која живеела во страв, а стравот ги тера луѓето да прават страшни работи. Освен ако не го почувствувате, не можете вистински да го разберете.

Друго, исто како што нема нешто како што е „херојска генерација“, не постои ни такво нешто како „херојска нација“ или навистина или суштински малигна или злобна нација.

Морам да признаам дека во текот на поголемиот дел од мојот живот имав став дека за Полјаците беше важно да почувствуваат гордост во воениот период. По неколку години, кога видов дека гордоста се претвора во самоправичност, а таа во самосожалување и агресија, сфатив колку е погрешно да не се биде отворен за пропустите на кои бев сведок.

Вистина е дека како Полјак или Евреин, како војник и бегалец, доживеав широк спектар на однесувања од Полјаците - од оние што ме криеја ризикувајќи си ги сопствените живот, до оние што бараа начин да ја искористат мојата ранливост, и сите можни нијанси на загриженост и рамнодушност.

Иако Третиот Рајх го уништи мојот свет, Германка ми го спаси животот кога ме запозна со луѓето кои можеа да ме вметнат во полското подземје. Ниедна нација нема монопол над доблеста - нешто што многу луѓе, вклучувајќи и многу мои израелски сограѓани, и понатаму тешко го разбираат.

Трето, не потценувајте ја деструктивната моќ на лагите. Кога започна војната во 1939 година, моето семејство замина од исток и неколку години живееше во Лавов, окупирано од СССР. Градот беше полн со бегалци. Кружеа шпекулации за масовни депортации во гулази во Сибир и во Казахстан. За да ја смири ситуацијата, советско официјално лице држеше говор за отфрлање на шпекулациите како лажни - во денешно време би ги нарекле „лажни вести“. Рече дека секој што ги шири ќе биде уапсен. Два дена подоцна започнаа депортациите за гулазите, а илјадници беа испратени во смрт.

Овие луѓе, и милион други, вклучувајќи го и моето најблиско семејство, беа убиени од лаги. Мојата земја и поголемиот дел од континентот беа уништени од лаги. И сега лагите се закана не само за сеќавањата на тоа време, туку и за достигнувањата што се постигнати оттогаш. Денешната генерација го нема луксузот да тврди дека никогаш не била предупредена и дека не ги разбирала последиците за тоа каде ќе нѐ одведат лагите.

Да им се спротивставиш на лагите, значи да се соочиш со тешките вистини за себеси и за својата земја. Многу е полесно да си простиш себеси и да обвиниш друг, отколку обратно; но тоа е нешто што сите мора да го направат. Се смирив со модерна Германија и се надевам дека сите Европејци можат да го направат истото. Конечно, никогаш немојте да помислите дека вашиот свет не може да се сруши, како нашиот. Тоа можеби е и најочигледната лекција што треба да се пренесе, но само затоа што е најважна.

Во еден момент уживав во идиличната адолесценција во својот дом во родниот град Лоѓ, а наредниот бевме во бегство. Можев да се вратам во празната куќа дури пет години подоцна, не повеќе како безгрижно момче, туку како преживеан од холокаустот и ветеран од војската кој живее во страв од тајната полиција на Сталин, НКВД (Народен комесаријат за внатрешни работи).

Ако дојде катастрофа, ќе откриете дека сите митови што некогаш сте ги негувале не ви се од корист. Ќе видите како е да живеете во општество каде што моралот колабира, предизвикувајќи сите ваши претпоставки и предрасуди да се срушат пред вашите очи. И кога сѐ ќе заврши, ќе гледате како, полека но сигурно, овие најтешки лекции се заборавени како што поминуваат сведоците и новите митови го заземаат нивното место.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот