X
 29.04.2020 Култура

Коронавирусот му ја враќа старата слава на автокиното во Германија

Строгите правила за социјално дистанцирање ги ограничуваат активностите што може да се прават во слободно време. Затоа многу луѓе бараат креативни начини за поминување на слободното време. Еден добар начин за опуштање и забава се автокината, кои стануваат многу популарни во Германија.

Автокиното е одлично за овој период бидејќи нуди забава без притоа да го забрзува ширењето на коронавирусот. Тоа е така затоа што овозможува да се гледа филм од автомобилот.

За време на пандемијата, германското автокино „Аутокино Есен“ успева да ги продаде сите карти за своите проекции, без разлика за кој филм станува збор.


Фото: Wikipedia

- Не е важно што прикажуваме, луѓето само сакаат да излезат и да гледаат филм - вели Франк Песијак, менаџер на автокиното.

Тој открива дека картите за проекциите се распродаваат недели однапред. Згора на тоа, низ Германија почнале да се појавуваат и привремени автокина на повеќе локации. Компанијата за организирање настани „Д лајв“ и киното „Ло студиос“ поставиле нови автокина на паркинзи и отворени локации.



Автокината се лесни за поставување бидејќи бараат само отворен простор и голем екран. Откако се поставени, потребно е автомобилите да ја одржуваат потребната дистанца за да се гарантира безбедноста.

- На почетокот властите беа загрижени дека може да постои здравствен ризик, но не сме имале проблеми. На луѓето им е кажано да останат во автомобилите освен кога треба да одат во тоалет и сè е автоматизирано - вели Хаико Дех од „Драјв ин“.

Автор: Лукиа Пападопулос
Извор: interestingengineering.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура