X
 29.04.2025 Живот

Како во „Црно огледало“: Луѓето би можеле да бидат обвинети за злосторства што не ги сториле

Технологијата напредува со неверојатна брзина, но не секогаш се користи за добри цели.

Многу пати се пишувало за можните негативни последици од користењето дипфејк, технологија која се покажува како потенцијална ноќна мора, особено за младите, а најчесто за девојките. Таа овозможува речиси совршена замена на лицата на актерки во порнографски видеа со лица на вистински луѓе. Доволен е само еден таков видеозапис, кој на прв поглед тешко може да се препознае како лажен, за засекогаш да се уништи животот на оној чие лице е злоупотребено.

Диипфејк може да се искористи и во политички цели. На пример, ако ден-два пред избори се појави снимка во која некој политичар изнесува шокантни коментари или пее непристојни песни, тоа сериозно може да му наштети на изборниот резултат. А кога ќе се открие дека снимката е лажна, веќе е предоцна, изборите завршиле.

Иако најчесто се зборува за овие два аспекта, порнографијата и политиката, адвокатот Џери Бјутинг предупредува на уште една сериозна закана која ретко се споменува: поради оваа технологија, невини луѓе би можеле да завршат во затвор.

Со оглед на тоа што технологијата сè побрзо напредува, станува сè потешко, речиси и невозможно да се разликува што е вистинско, а што е лажно, особено кога станува збор за видеа. Денес, во градовите има надзорни камери на секој чекор. Според Бјутинг, при истраги за кривични дела еден видеозапис може да биде изменет и да прикаже сосема поинаква слика од реалноста.

Таквите лажни снимки може да бидат алиби за вистинските криминалци, но и сериозна опасност за сосема невини луѓе. Замислете некој случајно да се најде во близина на местото на настанот, а потоа неговото присуство да биде „додадено“ во снимката. Или, пак, некој намерно да се стави на видео, само за да биде наместен за кривично дело, од одмазда или омраза.

Сериозна растечка закана

Истото го тврдат и експерти за сајбер-безбедност. Според нив, дипфејк е една од најсериозните и најбрзорастечки закани во сајбер-криминалот. Овие видеа се толку реалистични, што во многу случаи е речиси невозможно да се направи разлика помеѓу вистинското и лажното видео. А квалитетот на дипфејк-видеата само ќе расте, со што опасноста ќе стане уште поголема.

Според поранешната директорка за информатичка безбедност во Белата куќа, Тереза Пејтон, дипфејк-видеата наликуваат на сценарија од серијата „Црно огледало“. Таа предупредува дека луѓето може да ја користат оваа технологија за да предизвикаат хаос и несигурност во општеството.

Така, луѓето би можеле да бидат обвинети за злосторства кои никогаш не ги направиле, а токму тоа е најголемиот страв поврзан со оваа напредна, но опасна технологија.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот