Филмот „Супермен“ на Џејмс Ган е еден од најголемите блокбастери ова лето, со заработка од над 125 милиони долари само во првиот викенд по премиерата. Но, и покрај сето внимание што го привлекува главниот херој, кој го глуми Дејвид Коренсвет, неговиот партнер, кучето Крипто, ја освои публиката. Во текот на филмот симпатичното куче се покажува како одличен сопатник и верен пријател. Веројатно токму затоа, според апликацијата за дресура на кучиња „Вуфз“, интересот за удомување кучиња пораснал за неверојатни 500 отсто.
- Ги анализиравме трендовите на пребарување на „Гугл“ по премиерата и откривме нешто што ни го стопли срцето: кучето Крипто од „Супермен“ поттикна вистински бум на удомување кучиња. Пребарувањата на „Гугл“ за „удоми куче во близина“ се зголемија за над 513 отсто по премиерата на филмот, а за „удоми спасено куче во близина“ пораснале за над 163 отсто. Пребарувањата за „Удоми кученце“ исто така се зголемиле за над 31 отсто - објави компанијата и додава дека пребарувањата за „удоми шнауцер“, раса што наликува на Крипто, скокнале за 299 отсто.
Овој бран на интерес е уште понеодолив кога ќе се земе предвид дека верзијата на Крипто во филмот е инспирирана од сопственото куче на режисерот Ган, по име Озу. Ган го удомил додека го пишувал сценариото за филмот. Борејќи се со неговото дресирање, Ган си помислил колку полошо би било ако неговото ново куче имало супермоќ, мисла која го инспирирала немирниот лик на Крипто во филмот.
Покрај тоа што му послужил како инспирација, Озу бил и физичкиот модел за компјутерски анимираниот Крипто. Ган сакал Крипто што повеќе да личи на Озу, па го подложиле на 3Д-скенирање, притоа заменувајќи го неговото сиво крзно со бела боја. Дури и движењата во филмот се базирани на вистински снимки од Озу како си игра со мачка. На снимањето, наместо Крипто, користеле бело куче по име Џолин за да им помогне со поставување на светлото.
Фактот што Крипто е разигран и непослушен ја прави неговата лојалност уште повредна. А тоа што Супермен толку се грижи за него и покрај неговото однесување е најголемиот симбол на суперхеројската сочувствителност. Веројатно токму таа безусловна љубов е она што публиката се надева дека ќе го пронајде со удомување на својот „Крипто“.
- Овој филм ми донесе многу благослови, но овој можеби е најголемиот. Озу нема поим што се случува, но ако знаеше, ќе беше горд - вели Ган во врска со наглиот пораст на удомување кучиња.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото:
Instagram