X
 29.07.2025 Живот

Во оваа европска земја луѓето најбавно стареат

Местото каде што живеете може да влијае врз брзината на стареењето, во зависност од фактори во околината, општеството и политиката.

Според најновото истражување објавено во списанието „Нејчр медисин“, Данска е земјата во која луѓето  најбавно стареат.

Научниците утврдиле дека оваа земја нуди најдобри услови за побавно биолошко стареење благодарение на поволната животна средина, општествените околности и политичката стабилност.

Во истражувањето биле анализирани повеќе од 160.000 луѓе од 40 земји со цел да се спореди како различни фактори влијаат врз процесот на стареење.

Научниците користеле т.н. биобихевиорална разлика во возраст - алатка базирана на вештачка интелигенција која ја проценува разликата помеѓу нечии вистински (хронолошки) години и предвидената биолошка возраст, врз основа на околината и ризиците на кои е изложено лицето. На пример, ако имате 50 години, но моделот според вашите услови предвидува дека имате 55, вашата „биолошко-прогнозна разлика“ е 5 години, што укажува на забрзано стареење.

Резултатите? На четири анализирани континенти - Африка, Азија, Европа и Јужна Америка - се покажало дека Европејците стареат на најздрав начин. Од друга страна, забрзано стареење е почесто во земјите со пониски приходи.

- Ова истражување е важно бидејќи го редефинира стареењето. Тоа не е само биолошки или животен процес, туку е длабоко поврзано со пошироките општествени и политички услови. Каде и како живеете може значително да го забрза или забави стареењето - вели д-р Мортен Шајбје-Кнудсен, експерт за стареење од Универзитетот во Копенхаген, кој не бил директно вклучен во истражувањето.

Најзабрзано стареење е забележано во Египет, каде што луѓето во просек се биолошки постари за 4,75 години од нивната вистинска возраст. Потоа следуваат Јужноафриканската Република и земјите од Јужна Америка. Во Европа, забрзано стареење е забележано во источните и јужните региони.

Од друга страна, најбавно стареење е забележано во Данска, каде што луѓето се биолошки помлади за просечно 2,35 години. Потоа следуваат Холандија и Финска.

Што ја прави земја како Данска погодна за здраво стареење?


Истражувачите утврдиле дека клучна улога имаат физички фактори како квалитетот на воздухот, но и општествени фактори како родовата еднаквост и социо-економскиот статус.

Интересно е што значаен влијателен фактор имале и политичките услови како слободни избори, постоење на демократски институции, слобода на политичко дејствување и генерално чувството дека политичарите дејствуваат во интерес на граѓаните.

Исто така, истражувањето покажало дека луѓето со забрзано стареење осум пати почесто имаат проблеми со извршување на секојдневните активности и четири пати почесто доживуваат когнитивен пад.

Сепак, научниците нагласуваат дека овие врски се асоцијативни, а не причинско-последични. Без оглед на тоа, резултатите го потенцираат значењето на вложувањата во здравствена еднаквост на глобално ниво.

- Ова е уште еден силен аргумент за вложување во универзални системи како што се образованието и здравствената заштита како клуч за поздраво население - вели д-р Кнудсен.

Извор: Science Focus
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот