Покрај тоа што е лидер во воведувањето на најновите технологии на пазарот, Македонски Телеком е и пионер во имплементирањето на најдобрите практики во доменот на човечките ресурси. Токму затоа, компанијата од неодамна е првиот носител на сертификатот Employer Partner во земјата.
Се работи за престижно признание кое им се доделува на субјекти што имаат конзистентни практики со највисок квалитет од доменот на човечки ресурси. Како што од Employer Partner наведуваат, компанијата е посветена на поттикнување кариерен раст, развој на вештини и создавање позитивна работна средина во која акцентот се става на рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот, здравјето на вработените и нивното целокупно задоволство. Со поставувањето високи стандарди во технологијата, а сега и официјално и во ангажираноста на вработените, Македонски Телеком продолжува да биде вистински лидер во телекомуникациската индустрија во Македонија. За значењето на ова признание, како и за други теми од доменот на човечки ресурси, разговараме со менаџерот за човечки ресурси во Македонски Телеком, Ставрос Георгакопулос.
За какво признание станува збор и која е компанијата што го доделува?
Станува збор за сертификатот Employer Partner, кој е меѓународно признание за извонредни практики во доменот на човечките ресурси. Овој сертификат го доделува компанијата Selectio, водечки консултант за човечки ресурси во регионот. Сертификатот се доделува врз основа на детална евалуација на повеќе од 30 различни аспекти на практиките од доменот на човечките ресурси, вклучувајќи ги развојот, мотивацијата, овластувањето, безбедноста, трансформацијата на вработените, нивното задоволство...
Што покажаа нивните согледувања? Какви се вашите перформанси како компанија врз основа на кои е донесена одлуката да ви се додели признанието?
Евалуацијата јасно покажа дека Македонски Телеком ги исполнува највисоките стандарди во грижата за своите вработени, со што ние многу се гордееме. Особено беа истакнати нашите програми за развој и раст на вработените, како и практиките за безбедност и задоволство на работното место. Дополнително, високо беа оценети нашите активности за мотивирање и овластување на вработените и создавање култура на признавање на напорите и на резултатите, што ја потврдува нашата посветеност на креирање позитивна и стимулативна работна средина. Тука морам да го споменам и балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот, а значајно место заземаат и резултатите за менторство и поддршка од страна на претпоставените, интернационалната соработка, како и програмите за учество во разни професионални настани со цел усовршување на вештините на вработените. Сè на сè, еден сеопфатен пакет во чија срж е благосостојбата на вработениот.
Кои се највисоките стандарди во доменот на човечките ресурси денес? Која глобална компанија би ја посочиле како таков пример?
Доминантно, човечките ресурси денес вклучуваат стратегии за развој на таленти, практики за одржување на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот, активности за зголемување на задоволството, грижа за здравјето на вработените и др. Глобално, „Гугл“ честопати се посочува како пример за компанија која успешно ги имплементира овие стандарди. Нејзиниот пристап кон иновациите во областа на човечките ресурси е инспирација за многу организации низ светот.
Македонски Телеком е дел од интернационална корпорација. Дали се водите само според специфичните локални практики или ги следите глобалните практики за човечки ресурси?
Стратегијата на Групацијата Дојче Телеком да стане дигитална телекомуникациска компанија на иднината вклучува и постигнување на целта за најпосакуван бренд, што неизбежно започнува од нашата најголема предност - нашите човечки ресурси. Како дел од Групацијата Дојче Телеком, ние ги комбинираме најдобрите глобални практики што се предмет на имплементација во рамките на Групацијата со локалните специфики. Исто така, принципот на споделување најдобри практики меѓу компаниите членки на Групацијата Дојче Телеком ни овозможува дополнително збогатување на активностите. Секако, се водиме според глобалните стандарди за човечки ресурси што се применуваат во нашата Групација, но истовремено овие стандарди ги приспособуваме на локалниот контекст и култура. Ова ни овозможува да создадеме работна средина која истовремено е и меѓународно конкурентна и локално релевантна.
Во која насока очекувате да се развиваат практиките за човечки ресурси и со која цел?
Очекувам практиките за човечки ресурси да се движат во насока на поголема дигитализација и персонализација. Со цел да го максимираме потенцијалот на секој вработен, ќе продолжиме да инвестираме во алатки за персонализирано учење и развој, како и во стратегии кои ја поддржуваат менталната и физичката благосостојба на вработените. Нашата цел е да создадеме средина каде што секој вработен ќе може да расте, да се развива и да придонесува кон заедничкиот успех.
Дали би упатиле некоја препорака до колегите од другите компании во Македонија?
Мојата препорака е да се фокусираат на вработените како клучен ресурс. Инвестирањето во нивниот развој, обезбедувањето сигурно работно место кое поттикнува креативност и иновации и градењето култура на оддавање признание и почит се основа за успешна и конкурентна компанија. Успехот не доаѓа само од технологијата и услугите што ги нудиме, туку и од луѓето кои ги прават тие успеси возможни.