X
 01.12.2025 Наша тема

Интервју со Радован Бакрачески, менаџер за финансиска контрола-комерција: „Пивара е компанија која ги живее своите вредности преку луѓето, културата и грижата за заедницата“

„Пивара Скопје“ е компанија со повеќе од еден век историја каде што традицијата и иновациите се преплетуваат меѓу себе притоа создавајќи не само пиво, туку и приказни, емоции и брендови кои се дел од културното живеење.Како изгледа да се работи зад брендот што со децении е симбол на македонската автентичност?

Во разговор со Радован Бакрачески, менаџер за финансиска контрола-комерција, откриваме што значи да се биде дел од еден од најреномираните домашни брендови, како се создаваат нови вкусови и брендови и зошто „Пивара Скопје“ е вистинско место за младите што сакаат да работат во динамична, инспиративна и современа средина.
Радован зборува за искуствата и за предизвиците на финансиите и комерцијата во современо време, за страста кон бројките и аналитиката, но и за желбата да работи во компанија која ги произведува најдоброто пиво и најдобрата „кола-кола“.

Кога почнавте со работа во „Пивара“ и кои искуства ги добивте работејќи во еден реномиран гигант?

- Мојата „пиварска“ приказна во „Пивара Скопје“ започна во 2018 година, кога одлучив да ја следам страста кон бројките и аналитиката, но и желбата да работам во компанија која не само што ја произведува најдобрата „кока-кола“ во светот (и официјално потврдено😊) туку и најдоброто пиво по кое нѐ препознаваат - Скопско. Тоа беше мојот мотив да направам пресврт и да станам дел од тимот за финансиско планирање и анализа.
Оттогаш мојата кариера се движеше низ различни улоги во финансискиот сектор – од финансиски аналитичар преку менаџер за финансиска контрола за производство и логистика до мојата актуелна позиција: менаџер за финансиска контрола – комерција. Секоја од овие улоги ми овозможи да бидам дел од креирањето на бизнис-плановите, да учествувам во носењето стратешки одлуки и да ги следам резултатите преку финансиските показатели.

Но, она што навистина ме задржа во „Пивара“ не се само бројките, туку и вредностите. Како дел од групациите „Кока-Кола ХБЦ“ и „Хајнекен“, на кои им припаѓа „Пивара Скопје“, таа е компанија која и во практика ги живее основните принципи: поттик и можност на континуирано учење и надградување, можности за еднаков развој на секој еден „пиварец“ и истовремено негување на благосостојбата и задоволството на вработените преку многуте достапни програми. Токму овие вредности ме мотивираат да се развивам и да придонесувам – не само како професионалец, туку и како човек.

Како стигнавте до позицијата менаџер за финансиска контрола-комерција, колку труд и знаење се потребни да се вложат за развој во успешен менаџер?

До позицијата менаџер за финансиска контрола-комерција стигнав преку години посветена работа, континуирано учење и прифаќање на секој предизвик како можност за раст. Верувам дека за да се развиеш во успешен менаџер, не е доволно само да ги знаеш бројките, туку е потребно да ги разбереш луѓето, процесите и стратегијата зад нив. Најважните карактеристики што ме воделе низ овој пат се љубопитноста – постојаната желба да научам нешто ново, отвореноста кон нови предизвици – без страв од непознатото и јасната визија за мојот кариерен развој – цели кои ме мотивираат секој ден да бидам подобра верзија од себе.
Во оваа улога, клучни вештини се аналитичкото размислување, способноста за стратешко планирање, комуникациските вештини и умешноста да се работи со различни тимови. Предизвиците се многубројни – од брзо менување на пазарните услови до потребата за брзи и прецизни одлуки базирани на податоци. Но, токму тие предизвици ја прават работата динамична и исполнувачка. И како што напоменав, сето ова е поддржано од развојните програми на „Пивара Скопје“, кои овозможуваат континуирано учење, менторство и личен раст. На нас останува најважното – да ја имаме желбата и храброста да инвестираме во себе.

Каква перцепција имавте за „Пивара“ и Скопско пред да се вработите и каква е перцепцијата за компанијата како бренд сега однатре?

Пред да се вработам во „Пивара Скопје“ мојата перцепција беше слична на онаа што ја имаат многумина – дека станува збор за робусна, стабилна, речиси недостижна организација, во која е тешко да се влезе. По моето вклучување во тимот, тој стереотип и таа слика се променија – не затоа што „Пивара“ не е голема, туку затоа што зад таа големина стои топла, професионална и посветена заедница. Денес, однатре, ја гледам „Пивара“ како компанија која не само што ги негува своите брендови со внимание и страст, туку и ги живее своите вредности – преку луѓето, културата и грижата за заедницата.
Особено сум горд што сум дел од организација која активно придонесува за општеството – преку иницијативи како„Генералка викенд“ и многу други волонтерски акции во кои секој „пиварец“ има можност да даде личен придонес. Тоа чувство на припадност, на заедничка цел и на позитивно влијание е нешто што не се гледа однадвор, но се чувствува секој ден кога си дел од тимот.



Каква средина е „Пивара“ за младите луѓе во однос на професионалниот развој, кои се бенефициите од работењето?

Ако си млад, амбициозен, ама и љубопитен и сакаш да работиш во средина каде што твојот глас се слуша, твојот труд се вреднува, а можноста за кариерен напредок ти е мотив, тогаш „Пивара Скопје“ е вистинското место за тебе.
Овде не си само „нов вработен“, туку уште од почеток си дел од тим кој верува во потенцијалот на младите. Секој од нас има пристап до безброј регионални и глобални платформи за учење, менторство од искусни колеги и реални можности секој навистина да се докаже и да напредува. Секој предизвик е шанса да научиш нешто ново, а секој успех – без разлика колку мал – се слави.
Еве, на пример, преку програмата Coke Summership многу студенти го започнуваат својот професионален пат токму тука, а добар дел и остануваат бидејќи работењето тука значи да растеш професионално, но и лично. Да бидеш дел од брендови кои имаат историја, но и иднина. И најважно – да работиш со луѓе кои веруваат во тебе уште од првиот ден.

Момент кој имал трајно влијание врз вашата кариера во „Пивара“?

Дефинитивно тоа е менторството од страна на колегите, особено линиските менаџери. Нивната посветеност во мојот професионален развој и искрено вложување во мојот развој како личност и како лидер, начинот на кој ми поставуваа цели, нивната посветеност да ми помогнат да ги достигнам и можноста да добивам отворен и конструктивен фидбек – сето тоа ме научи дека растот не доаѓа само од успесите, туку и од грешките.
Ме охрабрија да не се плашам да згрешам, туку да учам од секоја ситуација. Тоа ми даде самодоверба, но и свест дека вистинскиот развој бара храброст, искреност и подготвеност да се менуваш. Токму таа поддршка ми помогна да го изградам мојот професионален идентитет и да станам менаџер кој верува во луѓето – исто како што некој веруваше во мене.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема