Многу нешта се променија откако Бил Гејтс, како млад технолошки визионер, сонуваше во секој дом да има компјутер.
Низ годините коосновачот на „Мајкрософт“ се разви од софтверски пионер во глобален филантроп и футурист, многупати претчувствувајќи го правецот во кој ќе се движи технологијата.
Иако некои од неговите предвидувања предизвикаа дебати, многу од нив се остварија. Во чест на неговиот 70. роденден, ова се неколку предвидувања што Гејтс ги погоди.
Паметни телефони
Во својата прва книга „Патот напред“, објавена во 1995 година, Бил Гејтс напиша дека луѓето наскоро ќе имаат „џебен компјутер“, уред што ќе стане „новиот швајцарски нож“ и ќе им овозможува да праќаат електронска пошта и да извршуваат многу задачи, слично на она што денес го прават нашите паметни телефони.
Стриминг-платформи
Во истата книга, во време кога видеотеките сè уште беа на врвот на популарноста, Гејтс предвиде дека луѓето во иднина ќе можат да гледаат филмови на барање, удобно сместени во своите домови.
Работа од дома
Исто така, Гејтс предвиде дека вработените во канцелариите ќе усвојат хибриден модел на работа, овозможен преку технолошки напредок, нешто што денес е реалност за милиони луѓе во светот.
Е-книги
Иако првата електронска книга постоеше и пред 1995 година, таа сè уште не беше масовно прифатена. Гејтс во „Патот напред“ напиша дека со постепени подобрувања во технологијата ќе добиеме лесна, универзална електронска книга.
Подобрувања во безбедноста во домовите
Во својата следна книга „Бизнис со брзина на мислата“ од 1999 година, Гејтс предвиде технологија што ќе ја зголеми безбедноста на домовите.
- Постојаните видеоснимки од вашиот дом ќе станат вообичаени и ќе ве информираат кога некој ќе ве посети додека не сте дома - напиша тој.
Онлајн апликации за работа
Во истата книга Гејтс ја предвиде и идејата за „Линкдин“, многу години пред неговото основање.
- Луѓето што бараат работа ќе можат да ги најдат можностите за вработување онлајн, со тоа што ќе ги наведат своите интереси, потреби и специјализирани вештини - напиша тој.
Пандемијата
Покрај тоа, Гејтс долги години предупредуваше на можноста од пандемија. Во 2015 година во својот познат ТЕД-говор рече дека светот не е подготвен за следната пандемија.
- Нема потреба од паника, но мора да почнеме да дејствуваме - изјави тогаш Гејтс. Како што се покажа подоцна, можеби требаше малку повеќе паника.
Фото: Screenshot/YouTube
Фото: Screenshot/YouTube